1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интегрирано образование е потреба во Македонија

26 февруари 2012

Јавни дебати со родителите, учениците, наставниците и педагозите за проектот за Интегрирано образование е новиот чекор што Владата и ОБСЕ ќе треба да го спроведат за продолжување на Интегрирано образование

https://p.dw.com/p/14AIb
Фотографија: DW/Fatos Musliu

Проектот за Интегрирано образование во 2010 година доживеа фијаско бидејќи политичката, општествената и образовната албанска елита одбија македонскиот јазик кој воедно е и службен јазик, да го изучуваат учениците Албанците од прво одделение. Одлуката за тоа беше донесена во времето на министерот Никола Тодоров, за во 2010 на иницијатива на ДПА падне на Уставен суд со образложение дека министерот ги измешал надлежностите на законодавната и извршната власт. Инаку Законот за основното образование предвидува наставата по македонски јазик за децата на припадниците за заедниците да почне во четврто одделение.

Подобрување на комуникацијата меѓу етничките заедници

По посетата на високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства Кнут Волебек на Македонија и разговорите со државниот врв и политичките партии, Дојче Веле се обрати со прашања до мисијата на ОБСЕ.

Делот во Стратегијата кој се однесува на јазикот предизвика значителни недоразбирања кои траат подолго време. За жал интегрираното образование се сведе единствено на темата на јазикот и уште повеќе од која возраст децата треба да го изучуваат македонскиот јазик. Ако се чита внимателно, Стратегијата не кажува дека македонскиот јазик треба да биде воведен од прво одделение-туку да се воведе во првата фаза на основното образование. Но,на оваа тема треба се се дискутира понатаму, имајќи предвид дека во моментов не постои консензус‘‘,велат од ОБСЕ и потенцираат. „Ова не значи дека јазикот не е важен. Сепак,текот на наставата, статусот на професорите,квалитетот на учебниците,средината во која учат децата,се се тоа работи кои имаат влијание на образовниот процес. Сите имаат подеднакво значење. Не е значајно само која ќе биде возраста на која ќе се изучува јазикот или предметот за кој зборуваме. Мора да се има предвид целосниот контекст, а токму тоа го прави Стратегијата за Интегрирано образование, го анализира образованието како целина и овозможува интеракцијата и меѓусебното разбирање да бидат вклучени во сите делови.Тоа е вклучување на учебниците кои треба да ја рефлектираат мултиетничноста,обуката за наставниците за имплементирање на Интегрираното образование,училишната администрација која ќе треба да го подигне капацитетот за справување со меѓуетничките тензии. Воедно експертизата и искуството на проектите спроведени од граѓанскиот сектор треба да помогне во структуирањето на владината стратегија на подолг рок‘‘ ,потенцираат од ОБСЕ.

Schule Niko Nestor
Фотографија: Petr Stojanovski

Внимателно воведување на македонскиот јазик

Како ќе се реализира проектот за интегрирано образование во Македонија? Од ОБСЕ со појаснение „Важно е дека мерките кои произлегуваат од овој план за имплементација ќе им се објаснат на оние на кои се однесуваат и на пошироката јавост ,почнувајќи од тоа што значи концептот за Интегрирано образование.Тоа не значи асимилација. Тоа значи промовирање на интеракција и разбирање помеѓу етничките заедници на начин кој ги респектира нивните права да го зачува својот идентитет,но во исто време ги спречува политиките кои водат кон одвојување. Кога зборуваме за подигнување на свеста за Интегрираното образование, ќе биде мошне значајно сите страни вклучени во процесот да бидат инволвирани, родителите, учениците, но исто така и професорите и локалните власти‘‘,потенцираат од ОБСЕ.

Според изјавите за медиумите од Бирото за развој на образованието, Препораката од високиот комесар на ОБСЕ, Волебек била внимателно воведување на македонскиот јазик кај заедниците во помалите одделенија, без конкретни рокови‘‘.

Од Министерството за образование и наука пак информираа дека во делот со јазиците тенденцијата е воведувањето изборен предмет на јазикот на различните националности во прво,второ или трето одделение. Советите на родителите треба да одлучат од кое одделение и кој јазик ќе го изучуваат децата, но нема конкретен датум од кога ќе се почне со оваа мерка.

Потребно е да се вклучат и граѓаните

По прашањето за Интегрирано образование независниот експерт, професор Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и правни истражувања за Дојче Веле појаснува „Интегрираното образование одамна требало да се спроведува во Република Македонија. Она што ме плаши е дека многу вакви идеи доаѓаат однадвор или одвнатре и се прифаќаат и почнуваат да се спроведуваат без да се направат соодветни анализи на конкретната ситуација. Тие се спроведуваат без да се видат и проценат актуелните параметри на односите и без да се предвидат сите елементи на позитивното или негативното коешто можеме да го очекуваме и со коешто можеме да се соочиме во текот на спроведувањето на една ваква идеја. Значи сметам дека се потребни многу продлабочени анализи потребен е многу професионален пристап кон развојот на идејата. Воедно потребно е и вклучување на граѓаните во градењето на системот во којшто би се вовело Интегрираното образование и многу голема постапност во градењето на целиот систем. Секое пренаглено употребување или спроведување на вакви идеи може да биде контрапродуктивно со негативни ефекти и да ја сруши и најпозитивната идеја. Во секој случај треба да има Интегрирано образование ,а при тоа граѓаните треба да има голема партиципација во изградбата на системот и треба да се најдат временските и содржински модалитети коишто најмногу ќе соодветствуваат на Македонија‘‘, смета професор Најчевска.

Mirjana Najcevska
Мирјана НајчевскаФотографија: Mirjana Najcevska

Инаку припадниците на заедниците учеле македонски јазик уште од прво одделение во периодот од 1983 до 1995 година.Во 1996, по цели 12 години се одлучило припадниците на заедниците да учат македонски јазик од трето одделение. Во овој момент во Македонија е во почетна фаза спроведување на меѓусебното изучување на јазиците. Учениците –Албанци го изучуваат задолжително од четврто одделение деветолетка, а учениците Македонци како изборен предмет албанскиот јазик можат да го учат од шесто одделение.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Б. Георгиевски