1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инспекторите на ОН за оружје стигнаа во Дамаск

ЖА/дв/афп/ртре/дпа18 август 2013

Експертите на ОН пристигнаа во сирискиот главен град за да ги испитаат наводите за употреба на хемиско оружје во граѓанската војна. Режимот на Асад даде согласност по долги натегања.

https://p.dw.com/p/19Roz
Фотографија: Reuters

Инспекторите на ОН, задолжени да истражат дали хемиско оружје е користено во судирите во Сирија, допатуваа денеска (18.08.2013) во Дамаск. Тимот на ОН го сочинуваат повеќе од 10 инспектори и асистенти.

Сирискиот заменик-министер за надворешни работи Фаисал Мекдад, во пресрет на пристигнувањето на инспекторите, изјави дека Дамаск во целост ќе соработува со нив. Сириската влада пред три дена соопшти дека нема што да крие од тимот инспектори за хемиско оружје.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун даде зелено светло за заминувањето на инспекторите, откако сириската влада прифати детали врзани за истрагата.

Се очекува тимот експерти да посети три локации каде наводно се случиле нападите со хемиско оружје, но дипломатите и експертите за хемиско оружје длабоко се сомневаат дека нешто ќе биде пронајдено, бидејќи од инцидентите поминаа неколку месеци.

Мандатот на инспекторите е ограничен - тимот ќе истражи дали било употребено хемиско оружје и ако се потврди тоа, нема да се утврдува одговорност за нападот. Тимот го предводи шведскиот научник Аке Селстром. ОН првично бараа дизвола за испитување на повеќе пријавени случаи, но сириската влада се спротивстави.

Сириската влада и бунтовниците меѓусебно се обвинуваат за напади со хемиско оружје, во кои загинаа најмалку 30 лица. Мисијата на ОН има големо значење поради фактот што американскиот претседател Барак Обама евентуалната употреба на хемиско оружје ја оцени за „црвена линија“ и причина за можна воена интервенција во сириската граѓанска војна. Но, евентуалната американска воена мисија во САД е жестоко дискутирана, а одлука не е донесена.