1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индија ќе и се обраќа на Македонија со уставното име

Горан Петрески23 октомври 2008

Индија од почетокот на месецов го користи уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација. Промената на ставот на Њу Делхи, е резултат на двегодишната дипломатска активност.

https://p.dw.com/p/FfYA
Македонското знамеФотографија: AP

Како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи, на 6-ти овој месец, индиската Влада со нота го информирала министерството за надворешни работи на Македонија дека новоотворената македонска Амбасада во Њу Делхи е регистрирана во државниот дипломатски протокол на оваа земја под уставното име, а не со референцата Поранешна Југословенска Република Македонија.

“Со тоа беа закружени двегодишните активни контакти со претставниците на индиското Министерство за надворешни работи кои за крајна цел имаа поместување на позицијата на Индија во однос на употребата на името на Република Македонија во билатералната комуникација“, пишува во соопштението на МНР.

12-годишни дипломатски врски

Индија и Македонија, инаку воспоставија дипломатски односи во февруари 1996 година со привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Оттогаш, во билатералните контакти индиските власти ни се обраќаа со користењето на референцата. Во јануари 2008 година, Владата на Македонија донесе одлука за отворање на Амбасада во Њу Делхи со цел да се интензивира политичката и економската соработка со Индија. Амбасадата на Република Македонија во Њу Делхи е отворена на седми октомври, а за шеф на ова дипломатско претставништво е номиниран амбасадорот Петар Јовановски, дипломат од кариера.