1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индиските проблеми со енергија

3 мај 2006

По преземањето на нафтените извори во Боливија од страна на државата, цената на црното злато на светските берзи уште повеќе се најде под притисок. Се заканува енергетска криза не само поради тоа. Побарувачката во земјите што доживуваат економски бум, како Кина и Индија енормно порасна, што им е добредојдено на берзанските шпекуланти за нови добивки.

https://p.dw.com/p/AeLv
Без енергија и порастот е доведен во опасност
Без енергија и порастот е доведен во опасностФотографија: picture-alliance/dpa

Индија, која на последниот индустриски саем во Хановер беше земјата партнер, нема сопствени извори па затоа нејзината влада реши да воведе мерки за штедење, но и за воведување ефикасни технологии и обновлива енергија од што можат да профитираат германските фирми:

Индиската економија доживува бум, но истовремено снабдувањето со енергија е огромен проблем што ги кочи пред се странските инвеститори. Аџај Шанкар од индиското министерство за енергетика посебно го спомнува проблемот со обезбедување енергија:

„Нам редовно ни недостигаат шест проценти од потребната енергија, а во шпиц периодите дефицитот достигнува меѓу 11 и 12 насто. Се надеваме тоа да го надминеме во наредните две до три години„.

Околу половината домаќинства во Индија воопшто немаат струја, па владата ветува во наредните пет години и тоа да го надмине. Предизвикот е огромен, зашто индиската економија достигна годишен пораст од скоро 8 проценти. Ако така продолжи, индиските потреби од енергија во наредните 25 години би можеле да пораснат за четирипати.

Но, од каде да дојде дополнителната енергија? Индија прави напори да увезе доплнителни количества нафта и гас. Но, тие стануваат се поскапи, а планираниот нафтовод кон Иран не наидува на одобрување од американска страна.

Градењето атомски централи исто така е тешко, бидејќи индиските резерви на ураниум не се доволни. Увозот засега е забранет поради меѓународните санкции, бидејќи Индија изгради атомска бомба. Иако пред се американската влада прави обиди да ги ублажи санкциите, американскиот конгрес се уште е скептичен. Значи, од каде дополнителна енергија? Обновливите енергии сега учествуваат со само 5 проценти, иако силно напредуваат. Од тој бум пак, профитираат многу средни и мали претпријатија во Германија. Томас Григолајт, од хамбуршката фирма „Сан-техникс„ вели:

„Од пред неколку месеци во Бангалоре имаме биро кое бргу напредува. Само таму имаме 25 вработени, имаме мало биро во Њу Делхи. Индија во моментов е најважниот столб за нашата азиска стратегија. Индија за нас е многу важен пазар, па во догледно време очекуваме таму да оствариме голем дел од нашиот промет во Азија„.

Посебно бргу напредува подрачјето на користење на ветерот, вели Мике Вебекинг, од фирмата „Лојд винд енерги„ од Хамбург:

„Индија се развива многу добро. Токму во последните две години користењето на ветерната енергија посебно бргу растеше. Инсталираната сила скоро двојно се зголеми, па сличен пазар на индискиот во светот воопшто нема„.

Уште пред само неколку години обновливата енергија во Индија не беше конкурентна. Меѓутоа, растечките цени на нафтата натераа многумина фармери да почнат да мислат поинаку, вели Гон Чаудури од министерството за енергетика во државата Западен Бенгал:

„Во меѓувреме имаме програма за фото-пумпи, зашто дизелот стана прескап, па селаните веќе не можат да си дозволат нивна употреба. Се повеќе се шири користењето на таквите пумпи„.

Феликс-Михаел Вебер, од индиско-германската мешовите фирма „Елефант-иквити„ им советува на германските фирми повеќе да инвестираат во обновливите енергии во Индија:

„Политичките рамковни услови се многу добри на тоа поле. Субвенциите не се толку поволни како во Германија, но има даночни олеснувања, а конечно и побарувачката е огромна„.