1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инвестиција тешка 60 милиони евра

Констадин Делимитов9 мај 2012

Британската компанија Џонсон Мети ја проширува инвестицијата во Македонија. Ќе се градат нови погони во кои ќе се произведуваат катализатори што ги задоволуваат најстрогите еколошки стандарди.

https://p.dw.com/p/14s2r
Во економската зона Бунарџик кај Скопје денеска започнува изградбата на новите погони на Џонсон МетиФотографија: Stojanovski

Со дополнителните 60 милиони евра Џонсон Мети станува најголема гринфилд инвестиција во земјата. Британската компанија за двојно ја зголемува инвестицијата во Македонија. Денеска напладне во економската зона Бунарџик кај Скопје Џонсон Мети официјално ја промовира изградбата на новите производствени погони. Првиот човек на Технолошко индустриските развојни зони Виктор Мизо за Дојче веле открива дека новата инвестиција ќе изнесува околу 60 милиони евра.

„Со оваа инвестиција Џонсон Мети ќе биде апсолутно најголема гринфилд инвестиција во Република Македонија со вкупна инвестирана вредност од над 120 милиони евра. Имајќи го предвид учеството на Џонсон Мети во македонскиот извоз во 2011 година, која беше прва полна година на нивно работење во Македонија, можеме да планираме од 2013, а посебно од 2014 година износот да биде двојно зголемен“, изјави Мизо за Дојче веле.

Задоволување на најстрогите еколошки стандарди

Во новиот погон, кој треба да биде пуштен во употреба на средината на наредната година ќе се произведуваат катализатори, кои ќе ги задоволуваат најстрогите еколошки стандарди.

Deutschland Nobelpreis in Chemie an Gerhard Ertl - Katalysator
Во Македонија ќе биде најголемиот погон на светот за производство на катализаториФотографија: AP

„Производи кои се наменети за подобрување на квалитетот на издувните гасови и задоволување на новите Еуро 6 стандарди, кои ќе се применуваат во Европа од 2013 и 2014 година, со тоа што лепезата на производи ќе биде проширена и за тешки дизел возила и речиси за сите производители на автомобили на територијата во Европа, а дел ќе оди во Турција и Азија. Се работи за многу софистициран погон, кој е најсофистициран од кој било друг во светот каде се произведува ваков тип опрема. Истовремено во Македонија ќе имаме производствена локација која ќе биде најголем производител не само во Европа, туку и во светот, за производство на катализатори“, вели Мизо.

Предвидено е камен-темелникот да го постават премиерот Никола Груевски и извршниот директор на одделот за еколошки технологии на компанијата Лари Пенц. Првичната инвестиција на Џонсон Мети во Македонија беше промовирана во април 2010 година. Со новите погони во компанијата се очекува вработување на над 500 висококвалификувани кадри.