1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Импресиите од Скајп на еко-сатен!

5 декември 2011

Со принтови на еко-сатен насловени „Шеринг. Екстеншн“ Борис Шемов се претставува пред берлинската публика. Кураторот Ролф Килц Мекензи вели дека на уметниците од Балканот не им е лесно да се пробијат во Берлин.

https://p.dw.com/p/13J0R
Борис ШемовФотографија: DW/Silvera Padori-Klenke

Галерискиот простор на Прима Центар - Берлин, кој е безмалку резервиран за македонски и автори од Балканот, деновиве е домаќин на колоритните принтови на скопскиот уметник Борис Шемов. Ова е негово премиерно претставување во странство и тоа со најновото што го создал и кое ја носи вокацијата на современото живеење. Комуникацијата и опкружувањето, во принцип, се дел и од поранештното творештво на Борис Шемов. Сега, меѓутоа, тој акцентот го става на новите средства за комуникација - интернетот и виртуелниот свет кои тие го отвараат.

„Во основа, ова е мојот принцип на работа во последно време. Јас со сите личности главно комуницирам преку Скајп. Тој дел беше толку опсежен и интензивен што одлучив да го вообличам како експонат. Со фотоапарат ги сликав преку екранот луѓето со кои комуницирав. Така излезе и името на тој скајп-сленг да го носи и оваа изложба“, вели Борис Шемов за Дојче веле.

Новината во овој негов проект е материјалот на кој работи. Станува збор за колоритни принтови, дигитална фотографија врз еко-сатен. Интересно е што за разлика од мониторот и хартијата, печатењето врз еко-сатен донесе сосема нова визуелизација на боите. Така, на големите платна во Прима Центар, доминираат интензивни кадифести структури, зад кои се препознаваат силуети на луѓе, но и многу детали од опкружувањето. Целокупниот проект, покрај принтовите, го заокружува и видео со инсерти од скајп-комуникацијата. Борис Шемов планира делата од берлинската поставка некаде напролет да ги претстави и пред скопската публика. Колку било тешко или лесно да се изгради како ументик со сопствен стил, ако се знае дека негов татко е реномираниот македонски сликар Симон Шемов? Тој одговара:

„Јас уживам во тоа што сум син на еден таков великан од кого може само да се информирам и да стекнам укост. Не го чувствувам тоа како товар за една млада индивидуа што има план да си го најде својот сопствен пат“, објаснува Борис Шемов.

Без комерцијални ефекти

Тој е само еден од десетиците млади автори кои имаат прилика да се претстават во мултикултурниот и прилично алтернативен кварт Вединг, во Берлин. Меѓу редовните посетители на, да ја наречеме македонската, галерија среде престолнината, е германскиот куратор Ролф Килц Мекензи, кој има детален увид во движењата на ликовната сцена на Македонија и Балканот. Вели дека е јасно оти по интензивниот престој во Берлин уметниците во татковината со себе носат многу силни импресии. Едновремено, посебно е чувството од презентацијата на своето творештво пред ваква мешана публика. Иако Прима Центар Берлин прави многу, според Меккензи, изложбите не им носат комерцијални ефекти ни на авторите, ниту на галеријата. На прашањето - дали за младите автори навистина берлинската сцена нуди шанси за стекнување европско реноме, или е само станица на која нема вистинско вкрстување на инстересите, тој одговара:

Rolf Külz Mackenzie Kurator aus Berlin
Уметниците од Балканот не се доволно присутни во Берлин, смета Ролф Килц МекензиФотографија: DW/Silvera Padori-Klenke

„Ова зависи од различни работи. Во основа, во Берлин има шанси за уметниците, зашто тука се сите институции како на пример ИФА, Институтот за односи со странство и слично. Но, факт е дека во самиот град малку се прави за уметниците кои не доаѓаат од Соединеите Американски Држави или големите соседни европоски земји. Целиот регион на Југоисточна Европа е недоволно претставен. Има напори за подобро претставување од страна на Словенија која е и единствената држава од поранешна Југославија која е во ЕУ. Но, сето ова е поврзано со пари, така што за сите други земји во моментов е тешко“, оценува Ролф Килц Мекензи, куратор и историчар на уметноста од Берлин.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска