1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името останува услов за влез во НАТО

15 јануари 2010

Новиот генерален секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен не отстапува од позицијата - прво решение за името, па членство. Македонија го зголемува своето учество во мисиите на НАТО во Авганистан.

https://p.dw.com/p/LWlv
Премиерот на Македонија и генералниот секретар на НАТОФотографија: MIA

Земјата се подготвува во март да испрати и воени инструктори кои ќе ги обучуваат авганистанските сили и тоа во една од најризичните зони во Авганистан. И за Брисел и за НАТО ова е доказ дека Македонија ги почитува преземените обврски кон Алијансата иако не е полноправна членка.

Belgien NATO Generalsekretär Anders Fogh Rasmussen zu Afghanistan
Андерс Фог Расмусен очекува прагматичност од Македонија и ГрцијаФотографија: AP

Расмусен очекува од Грција и Македонија да покажат прагматичност и инвентивност во решавањето на спорот, а Груевски ја префрли одговорноста кај Грција. Се чини дека нема никакво поместување по ова прашање.

„Го цениме напредокот во Акцискиот план за членство како што го цениме и учеството во нашите мисии во Авганистан, но морам да истакнам дека е предуслов за натамошен напредок во нашите односи да се пронајде заеднички прифатливо решение за името, и за ова нема скратени патишта. Ние јасно кажавме на самитот во Букурешт во 2008 ќе започнеме преговори за членство со Скопје штом се дојде до заеднички прифалтиво решение. Овој проблем е пречка и ги повикувам двете страни да покажат прагматичност“, рече Расмусен во Брисел.

Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski
Никола Груевски ја префрли одговорноста врз грбот на ГрцијаФотографија: Petr Stojanovski

Груевски, пак, со оценка:

„Очигледно е дека најголема улога игра Атина и волјата на владата во Атина да го реши спорот и да престане да не‘ блокира. Слушам овде во НАТО дека вратите се отворени, но согласно правилата воНАТО треба да има консензус и треба сите земји членки да гласаат за. Доколку една земја е против - нема членство! Тоа ни‘ се случи. Ја гледам одговорноста кај земјата што блокира.“

Расмусен и Груевски поминаа 20-тина минути очи в очи денеска, но никој не ги соопштува деталите од средбата, која се случи по барање на македонскиот премиер.

Ова е првата средба на Груевски со Расмусен откако тој стана генерален секретар на Алијансата минатата година.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска