Има ли победник во покерот меѓу Русија и Украина?
8 јануари 2009На шеститот ден од спорот меѓу Русија и Украина, Владимир Путин изјави дека европските земји сега конечно разбрале колку е важна изградбата на планираниот гасовод низ Балтичкото Mоре, што треба директно да ги спои наоѓалиштата на северот на Русија со германскиот брег. Дали зад овие зборови се крие и суштинската порака на целата кавга околу транспортот на руски гас преку Украина за ЕУ? Дали спорот што толку ги возбуди сите требаше само да ја дискредитира Украина како транзитна земја во очите на Европејците?
Ваквиот заклучок се чини прифатлив. Можно е официјална Москва да сака да му даде нов поттик на гасоводот низ Балтичкото Mоре, кој би требало да ја спаси Европа од „недоверливата и политички и онака нестабилна Украина“. Ваков притисок е неопходен бидејќи против проектот се Шведска, Полска и трите балтички земји, Лeтонија, Литванија и Естонија. Во нивната аргументација, тие формално се повикуваат на опасностите што изградбата на руско-германскиот гасовод ги носи на еколошки план. На дното на Балтичкото Море наводно се наоѓаат остатоци од хемиско оружје користено во времето на Втората светска војна. Но, владите на овие пет земји, всушност, се плашат од гасоводот поради нешто друго. Тие гледаат можност Русија во иднина да го користи гасоводот како инструмент за политички притисок. Имено, Полска и трите балтички земји би биле исклучени на тој начин како важни елементи во европската транзитна мрежа.
Секоја страна има своја сметка
Впрочем, сегашниот руски премиер и до неодамна претседател Владимир Путин никогаш не криеше дека би ја искористил зависноста на околните земји од руските енергенси како средство за политички притисок. На пример, доколку Украина продолжи да ги загрозува руските безбедносни интереси преку стремежот кон членство во НАТО и ЕУ. Сметката на Путин во случајот на Украина се чини дека барем до некаде се покажа како исправна, бидејќи во моментов повеќето европски земји го сметаат официјален Киев за виновен во актуелниот спор околу испораките на гас. Украина се обиде да се профилира во жртва на руската хегемонија во регионот и со тоа да и’ се приближи на ЕУ, но се чини дека нејзиното членство во европското семејство преку најновиот стратешки покер со Русија не е ни за милиметар поблиску. Многу поверојатно е дека оваа прокламирана цел на реформски ориентираниот украински претседател Виктор Јушченко стана дури подалечна од претходно.
„Победа на поени“?
Со боксерска терминологија речено, се чини дека Путин извојува победа на поени над Јушченко. Но, триумфот во овој меч може да се претвори во „Пирова победа“ за рускиот премиер. Имено, најновата криза им даде нов поттик и сила на сите оние од ЕУ што заговараат поголема независност од Русија на енергетски план. Така бокс-мечот Русија - Украина можеби ќе заврши со пораз на двете страни: Украина се покажа како недоверлив транзитен партнер, а Русија како недоверлив лиферант на енергенси, кој згора на тоа лесно посега по нафтата и гасот како средство за политички притисок - пред се’ за да ги држи соседните земји во регионот под свое влијание.
Ако и Русија и Украина се губитници, како победник би можела да се профилира ЕУ и тоа така што конечно ќе смогне сили за создавање на долгорочна заедничка стратегија кон источните соседи на полето на енергетиката. Тоа што и Русија и Украина сега поканија независни експерти од ЕУ да проверат на лице место кој е виновен за прекинот на испораките на природен гас, тоа многу ја зајакнува позицијата на Европа. Всушност, таа може да се профилира во еден вид судија во спорот меѓу двата големи соседи од Истокот. Препорачливо е Европјците добро да ја искористат оваа можност!