1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

121011 Welthandel Zukunft

24 октомври 2011

Светската трговска организација има за цел да ја поттикнува слободната трговија во светот. Како стојат изгледите во моментов?

https://p.dw.com/p/12u7U

Преговорите во таа насока, започнати пред 10 години во Доха, главен град на Катар, се’ уште не се завршени. Наредната, веројатно последна шанса е Министерската конференција, највисокото тело на Светската трговска организација, што ќе се одржи во декември во Женева. Како стојат изгледите во моментов?
Слободна трговија во светот, актуелизирани трговски правила и поврзување на најсиромашните земји во светската економија - така во Берлин во најопшти црти ги опиша целите на агендата од Доха и на Светската трговска организација нејзиниот шеф Паскал Лами. Но, како што велат Германците, „ѓаволот се крие во подробностите“. Спор се води околу пристапот на западни индустриски стоки и услуги на пазарите во земјите во забрзан подем, како Кина и Индија. Спорно е и укинувањето на субвенциите во аграрот, со кои богати држави, како земји од ЕУ и САД, ги штитат своите селани од конкуренцијата.

02.12.2008 DW-TV Made in Germany Welthandel6

Дури откако 153 земји - членки на Светската трговска организација ќе се усогласат околу тие пунктови, ќе можат да бидат укинати и царините и трговските ограничувања, за кои е веќе постигната согласност во досегашните преговори.

Договорот би бил голем успех

Ако се постигне согласност, според економистите светската трговија би доживеала голем скок, според проценките за 200, па се’ до 800 милијарди долари. Но, задршките се големи. Во многу земји луѓето се плашат да не ги загубат работните места, оти укинувањето на трговските бариери значи и поголема меѓународна конкуренција. Тие грижи мора да бидат сфатени сериозно, вели Паскал Лами.

„Потребни ни се вистински услови за трговија, што ќе го намали отпорот на многумина избирачи против слободната трговија. Најважен услов е соодветна распределба на доходот, поголема рамномерност. Кон недоверба спрема меѓународната трговија води пред се’ нерамномерноста - глобално меѓу земјите, но и внатре во поединечните земји“, оценува шефот на Светската трговска организација.

Лами истакнува дека најголемиот дел од владите не воведоа протекционистички мерки за заштита на своите стопанства по финансиската криза. Но, едно ново истражување на Светската трговска организација, кое допрва ќе биде објавено, покажува вознемирувачки развој: опаѓа готовноста за укинување на трговските бариери, а расте веројатноста за воведување нови.

Pascal Lamy
Паскал ЛамиФотографија: AP

Затегнатата економска состојба во многу земји ги отежнува наредните преговори во Женева. САД се погодени од висока невработеност и пред претседателските избори во 2012 година нема да се согласат со никакво правило кое може да влијае врз расположението на избирачите дома.

Подобрување и во светскиот монетарен систем

Со оглед на должничката криза, Лами побара подобрувања и во светскиот монетарен систем, за да се олеснат светската трговија, инвестициите и паричните текови.

„Потребен ни е светски монетарен систем кој влева доверба и дава стабилност. Паричната политика не функционира во вакуум - само кога е од меѓународен интерес, таа е и од национален интерес. Единствен пат да се постигне тоа е глобалната соработка“, рече Лами, но не објасни како може да изгледа некоја таква монетарна политика од глобален интерес.

Автор: Андреас Бекер/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска