1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има докази за употреба на хемиско оружје во Сирија?

ЕМФ/ард13 април 2013

Британски воени експерти, според „Тајмс“, имаат форензички докази дека во Сирија било употребено хемиско оружје. Примерок на земја од близината на Дамаск бил тајно донесен во Велика Британија.

https://p.dw.com/p/18FMg
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Весникот „Тајмс“, повикувајќи се на извори во Министерството за одбрана во Лондон, пишува дека се пронајдени докази за употреба „на еден вид хемиско оружје“. Сепак, експертите од Центарот за хемиско и биолошко оружје на Министерството за одбрана, кадешто е анализирана земјата од Дамаск, не можат да кажат дали хемиското оружје го користеле трупите на сирискиот претседател Башар ал-Асад или бунтовниците.

Британскиото Министерство за одбрана не сака да го коментира текстот на „Тајмс“. Министерството за надворешни работи во Лондон пак, соопшти дека е длабоко загрижено поради можната употреба на хемиско оружје. Портпарол на Министерството соопшти дека доколку се обистини, тоа би било „страшно злосторство“.

Дипломати на ОН уште во четвртокот (11.04) изјавија дека западните земји имаат „цврсти докази“ дека во Сирија барем еднаш било употребено хемиско оружје. Тие не наведоа други детали.

Режимот на Асад и бунтовниците се обвинуваат меѓусебно за употреба на хемиско оружје во граѓанската војна. Сирија на почетокот на неделава одби да дозволи влез на тим на ОН кој би ги истражил обвинувањата. Дамаск инсистира на тоа инспекторите да истражат можна употреба на хемиско оружје во март, во Кан ал Асал, во близина на Алепо, а не и на случаите во Дамаск и во Хомс, кои се слични.