1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјадници граѓани на пречекот на ракометарите

28 јануари 2012

На плоштадот „Македонија“ попладнево илјадници граѓани ги пречекаа ракометните херои кои на Европското првенство во Србија го освоија петтото место и обезбедија учество во квалификациите за Олимписките игри во Лондон.

https://p.dw.com/p/13sRR
Фотографија: picture-alliance/Pixsell

На плоштадот во Скопје, македонските ракометари покрај од илјадиците граѓани беа поздравени од претседателот Ѓорге Иванов кој во наредните денови ќе им додели „Медал за заслуги“, премиерот Никола Груевски, министри и пратеници. Претходно, на граничниот премин Табановце тие беа пречекани од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Царинската управа Ванчо Каргов.


Капитенот Кире Лазаров кој воедно е најдобриот стрелец на сите еврошампионати, се обрати пред големиот број граѓани со познатата реченица „Леле луѓе што направивме“, која кошаркарот Влатко Илиевски ја кажа кога кошаркарската репрезентација ја победи Литванија и се пласираше во полуфиналето на ЕП.
„Спортот е амбасадор на нашата држава и само преку него можеме толку многу да ја промивираме Македонија. Сакам од моето лично име да им се заблагодарам на сите мои колеги. Ова не е само мој личен успех, туку и успех на целата држава, на моите другари лавови кои безпоштедно се бореа и ги даваа последните атоми од своите сили во континуитет да се бориме со големите европски репрезентации“, рече Лазаров, истакнувајќи дека следна дестинација се ОИ во Лондон.

Handball Europameisterschaft Mazedonien Tschechien
Фотографија: dapd

„Се надминавме себеси и ние и вие“

Потенцираше дека треба да останат скромни како и досега и со добра подготовка во наредните три месеци да се оди кон нови победи на Олимпијадата во Лондон.
„Кога можевме седум натпревари да се носиме со големите европски репрезентации, не верувам дека друго може да ни претставува проблем. Само скромно, на земја, и нашата најголема желба, односно Лондон 2012 ќе се оствари. Искрено не го очекував ова, се надминавме и ние и вие“, подвлече Лазаров на кого легендата на македонскиот ракомет Индира Кастратовиќ во име на сите граѓани му додели плакета за тимскиот и индивидуален успех.


Селекторот на „црвено-жолтите“ Ѕвонко Шундовски рече дека Македонија сега во Европа ја гледаат како ракометна велесила, а од „македонската фаланга“ се плашат сите. „Се плашат и репрезентациите и нивните навивачи кои беа во многу мал број“, додаде Шундовски.

Голманот Борко Ристовски кој извонредно ја чуваше македонската мрежа, задоволен од пречекот и поддршката од македонските граѓани, потенцираше дека целото Европско првенство било многу напорно и на секој натпревар давале 100 проценти од нивната сила. „На крај сме среќни што успеавме да ја израдуваме Македонија и да ја промовираме најдобро што можеме“, истакна Ристовски.

Handball EM Mazedonien-Deutschland
Фотографија: Reuters

Заменик-капитенот Наумче Мојсовски потенцираше дека публиката на натпреварите во Ниш и Белград била феноменална и секаде се зборувало само за македонските фанови.

Награда од владата

Премиерот Груевски денеска најави дека Владата ќе ги награди ракометарите, за што денеска ќе се одлучи на владина седница. „Ќе имаме седница на Влада и имам во план да и предложам да донесе одлука за наградување на ракометарите“, рече премиерот Груевски, посочувајќи оти износот дополнително ќе биде соопштен по седницата.


Во Белград во натпреварот за 5-то место Македонија вчера ја победи Словенија со 28:27. Покрај најголемиот успех во историјата на машкиот ракомет, од денеска Македонија го има и најдобриот стрелец на едно ЕП на сите времиња, капитенот Кирил Лазаров. Тој најави дека утревечер ќе ја прими наградата во Белград носејќи го македонското знаме.

Автор: СН/ АТ/ миа

Редактор: Александра Трајковска