1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјада исчезнати во поплавите на Филипините

23 декември 2011

Повеќе од 1000 лица се’ уште се водат како исчезнати во катастрофалните поплави на Филипините, во кои загинаа 1080 луѓе, соопшти денеска министерството за одбрана во земјата.

https://p.dw.com/p/13Y6B
Поплави на ФилипинитеФотографија: dapd

Бројката на исчезнати се зголеми откако жителите од руралните места пријавија голем број на роднини кои отпатувале на работа во местата погодени со поплавите и повеќе не се вратиле. Спасувачките екипи продолжуваат со извлекувањето на телата на загинатите во селата покрај морето во близина на најпогодените градови Кагајан де Оро и Илиган. Од министерството за одбрана велат дека не се надеваат оти ќе најдат други преживеани. „Сега спроведуваме само операции за пребарување“, рече Бенито Рамос, службеник во министерството.

Рамос информираше и дека акциите за пронаоѓање на телата се проширени на 300 километри од брегот на двата пристанишни градови. „Течењето на водата беше многу силно, па телата беа однесени далеку“, рече Рамос.

Во 12 часови дождови како за еден месец

Поплавите дојдоа пред речиси една недела со тропската бура „Ваши“, којашто во 12 часови донесе дождови коишто количински паѓаат за еден месец. Речните корита се преплавија и водата од околните планини збриша цели села.

Flutkatastrophe auf den Philippinen
Поплави на ФилипинитеФотографија: dapd

„Тоа беше како градовите да беа погодени од цунами. Цели области беа целосно поплавени и само неколку згради останаа здрави“, изјави Сое Нјунт-У, координатор за хуманитарна помош на ОН на Филипините и директор на претставништвото на Светската здравствена организација во земјата.

Тој во четвртокот побара 28,6 милиони долари помош за Филипините за олеснување на операциите и за изградба на привремени прифатилишта за повеќе од 670 000 раселени лица од поплавите.

Бернард Керблат, претставник од Манила на Високиот комесар на ОН за бегалци, изјави дека доцна денеска преку воздушен мост ќе се испорачаат 42 тони помош во поплавените области.

Автор: Александар Методијев /дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска