Изјавата на Калфин го разбранува Скопје
25 јули 2006Министерот за надворешни работи на Бугарија Ивајло Калфин изјавил дека ако на Македонија и треба поддршка, тогаш не треба да пројавува агресија кон бугарската историја и нација и повикал на натамошно негување на добрососедски однси меѓу двете земји. Со овој став кажан вчера во Софија, министерот Калфин испровоцира експресна реакција на македонската дипломатија. Токму ваквите изјави не им одат во прилог на принципите на добрососедство – е пораката на Скопје до Софија. Не се најавени протестни ноти, ќе рагира вербално македонскиот амбасадор во Бугарија Абдураман Алити кој веќе побарал средба со Калфин „Јас лично сметам дека Македонија со ништо нема придонесено да предизвика таква изјава“ вели Алити
Дипломатските кругови во Скопје, како повод на реакцијата на Калфин го сметаат писмото што претседателот на Слободната европска Алијанса, Нели Маес пред неколку дена му го испрати на еврокомесарот Оли Рен. Во него стои дека едно демократско општество какво што е бугарското не треба да ја забранува слободата на политчко изразување. Алијансата го потсетува Рен дека партијата на Македонците во Бугарија не е призната, и од него бара да лобира за признавање на македонското малцинство во Бугарија која наскоро ќе стане членка на ЕУ. Односите Скопје – Софија со години се опторварени со бугарското негирање на македонското малцинство и јазик. Ситуацијата неодамна се обиде да ја поправи македонскиот премиер во заминување Владо Бучковски кој на неговиот бугарски колега Станишев му предложи заедничка прослава на Илинден.