1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел ќе ја почека дипломатијата пред да нападне пожестоко

10 август 2006

Израел планира да им даде повеќе време на дипломатските напори на САД за решение на конфликтот со Хезболах пред да ја прошири копнената офанзива во Либан, иако таква одлука веќе донесе израелскиот кабинет за безбедност. Борбите не стивнуваат. Во ОН повторно разединетост околу резолуцијата. Еве што јавуваат агенциите од кризниот регион.

https://p.dw.com/p/Ac4D
Спасувачки екипи во Либан
Спасувачки екипи во ЛибанФотографија: AP

Само неколку часа откако израелскиот кабинет за безбедност реши да ја прошири копнената офанзива во Либан, Тел Авив го одоложи стартот на акцијата. Острата критика од вечниот сојузник Вашингтон на ваквата одлука и барањето за итен прекин на воените дејствија ги подзамисли оние во Израел.

“Дипломатскиот процес е во тек, па може да дозволиме уште малку време за да се види дали има можност за тој да даде некое решение”, изјави утринава за Израелското радио министерот за туризам Јицак Херцог. Но, Херцог кој е дел од израелскиот кабинет за безбедност, јасно стави до знаење дека Израел ќе продолжи со воената офанзива ако преговорите пропаднат.

“Ако нема дипломатско решение ќе има потреба да се отстрани оваа закана”, рече Херцог мислејќи на над 3300 ракети кои Хезболах ги испука кон Израел во последниве 4 недели.

Израелското радио исто така цитираше извор од израелската влада кој вели дека е песимист околу шансата дипломатијата да даде резултат додавајќи дека “дипломатските напори ќе пропаднат за неколку часа” .

И покрај големите дипломатски напори борбите стануваат се пожестоки. Хезболах погоди два израелски тенка во близина на јужниот либански град Марјајон, кој Израел претходно објави дека го освоил. Во борбите се убиени 15 израелски војници и 40 борци на Хезболах. Ова се смета за еден од најкрвавите судири од почетокот на воената офанзива. Агенциите јавуваат дека изралеските тенкови продолжуваат со офанзивата навлегувајќи уште подлабоко на либанска територија. Сега се веќе осум километри внатре во јужниот дел на Либан. Борби се водат и на источната граница од каде Хезболах најмногу ги лансира ракетите кон Израел. Лидеорот на Хезболах, Насрала во телевизиско обраќање онјави дека ако Израел ја продлабочи офанзивата “југот на Либан ќе се претвори во гробишта за ционистичките окупатори”. Тој дури им рече на арапските жители да го напуштат израелскиот град Хаифа бидејќи планираат жестоки напади со гранати.

Додека оружјето не мирува, разединетост владее и во ОН околу резолуцијата за Либан. Париз и Вашингтон бараат во тампон зоната да се распределат меѓународни мировници, веројатно предводени од Франција и тогаш израелската армија да се повлече.

Либан пак бара прво повлекување на Израел и во кризниот регион да се стационира либанската армија. Тел Авив е категоричен – ќе се повлечеме само кога ќе дојдат странски мировници.