Израел ќе реши кога ќе ја запре војната
11 јануари 2009Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер по средбата со Ципи Ливни во Ерусалим изјави дека е неопходно трпеливо да се работи понатаму на склучување примирје помеѓу страните во конфликтот. Тој јавно посочи дека ја поддржува резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, но во истовреме изрази и разбирање за израелската воена акција, која не дојде неочекувано. Ниту една влада на светот не може да прифати без одговор да гледа како некој стрела гранати врз нејзина територија, како што тоа го прави Хамас од Појасот на Газа, порача Штајнмајер.
Дотолку повеќе меѓународната заедница сега не смее да го остави Израел на цедило, туку треба да стори се’ посакуваното примирје да биде поврзано со зголемена безбедност на израелската држава. Во таа насока одат и напорите на Германија да му помогне на Египет да оствари подобра контрола на границата кон Појасот Газа, порача шефот на германската дипломатија, кој вчера на оваа тема опширно разговараше со претседателот на Египет, Хосни Мубарак. При тоа беше договорено наредните денови група германски експерти за безбедносни прашања да допатуваа во Египет и да им пружат техничка и советодавна помош на египетските колеги во прекинувањето на шверцот со оружје за палестинските радикали преку границата меѓу Египет и Појасот на Газа. Според извори во Министерството за внатрешни работи во Берлин, државен секретар од неговите редови уште денеска ќе отпатува за Каиро за да води прелиминарни разговори со египетските колеги.