1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел употребува фосфорни бомби

Петер Филип 16 јануари 2009

Дипломатијата досега не донесе никакви практични резултати, војната во појасот Газа продолжува. Има се’ повеќе индиции дека израелската војска користи фосфорни бомби. Дали со тоа го крши меѓународното право?

https://p.dw.com/p/GYky
Се‘ погласни се обвинувањата за користење забрането оружје во појасот ГазаФотографија: AP

Од почетокот на нападите, израелски политичари, првенствено Ципи Ливни, министер за надворешни работи, уверуваат дека биле превземени секакви напори за поштедување и заштита на цивилите. Кога има жртви, тоа е за жалење, но во воени ситуации не миоже целосно да се исклучи такво нешто, велат Израелците. Тие укажуваат и дека Хамас сопствени граѓани злоупотребува како жив штит и нема никакви обѕири спрема израелски цивили.

Но, со секој нареден ден се’ поголемиот број на убиени и ранети цивили во Газа зборува нешто друго. И хуманитарните организации кои дејствуваат во Газа, како организацијата за помош на бегалци на ОН и меѓународниот комитет на Црвениот крст, му префрлуваат на Израел дека не води сметка за цивилите.

Директно обвинување

„Хјумен рајтс воч“ оди уште подалеку: таа го обвинува Израел дека употребува таканаречен „бел фосфор“ во Газа, иако со тоа се изложува на значителна опасност цивилното население во тој најгусто населен појас во светот. Фосфорните бомби предизвикуваат најтешки изгореници кај луѓето и најчесто водат во смрт со многу маки. И лекари во Газа известуваат дека во болниците се донесени ранети со токму такви изгореници.

Различни групи противници на војната веднаш реагираа со обвинувања на Израел дека врши воени злосторства. Официјален Израел се обиде прво со молчење да прејде преку обвинувањата. Од армијата кратко беше речено:

„Израелската армија користи муниција во согласност со меѓународното право. Ние не објаснуваме во подробности каков вид муниција користиме, како што не кажуваме ништо ни за нашите опарации. Можам да ве уверам дека Израел не го крши меѓународното право“, изјави Авитал Лајбович.

Israelische Offensive im Gazastreifen 14.1.2009
Израелската армија ги отфрлува обвинувањатаФотографија: AP

Делумна забрана на фосфорните бомби

Ваквото претставување на работите не задоволува, но правнички можеби е тешко да се оспори. Меѓународното јавно право само делумно забранува таков вид фосфорни бомби: тие смеат да бидат употребени како оружје што предизвикува пожар, но не во области населени со цивили. Како хемиско оружје, како што е класифицирано од многубројни држави, забрането е да се употребува. Доминик Лоје, заменик-раководител на одделот за оружје при Меѓународниот Црвен крст во Женева, вели:

„Битно е дали некоја држава потпишала договор. На пример, за оружја што предизвикуваат пожар има специјален протокол. Ако не е потписничка, нема ни обврска да го почитува договорот“.

Израел и САД не се потписнички на тој протокол и обете користат такви бомби - Американците во Ирак, а Израел во Либан во 2006, дополнително - покрај можеби и до еден милион касетни бомби, кои и ден-денес предизвикуваат смрт или повреди на цивили. И во тој случај Израел прво молчеше или се обиде да демантира. Дури повеќе месеци по војната еден министер призна пред парламентот дека фосфорни бомби биле употребени на слободен простор против Хезболах „соодветно на меѓународните закони“. Многу слободен простор во Газа нема, а употребата на тие бомби принудува на претпоставка дека Израел сепак не води доволно сметка за цивилите таму.

Waffenruhe in Gaza Familien am Strand
Страдаат невини цивилиФотографија: AP

Во колкав обем се употребува ова оружје?

Кај Меѓународниот Црвен крст досега нема информации дека употребата на фосфорни бомби е со макар приближен обем како што беше со касетните бомби во Либан. Затоа и не му се посветува споредбено соодветно внимание на проблемот. Црвениот крст е во постојан контакт со засегнатите влади и се труди колку што е можно да се намалат за цивилите последиците од војната. Фрустрации предивикува што тоа не успева секогаш.

„Фрустрација - да, но мора да се биде реален. За жал, реалност на сегашниов свет е дека војните се’ уште се толку проблематични и предизвикуваат ужаси, вели Доминик Лоје.