1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел се заканува со проширување на офанзивата

8 август 2006

Израелската армија ја засили офанзивата против Хизболах со нови напади врз Бејрут и долината Бека.

https://p.dw.com/p/Adys
Израелски тенкови чекаат на границата кон Либан
Израелски тенкови чекаат на границата кон ЛибанФотографија: AP

И во јужниот пристанишен град Тирус дојде до остри борби меѓу припадниците на Хизболах милицијата и десантните сили на израелската армија. Билансот на вчерашните борби изнесува најмалку 50 загинати и поголем број ранети лица.

Израел ќе ги прошири уште повеќе нападите врз јужниот дел на Либан доколку пропаднат дипломатските напори околу резолуцијата во Советот за безбедност на ОН. Со оваа најава израелскиот министер за одбрана Амир Перец отворено го зголеми притисокот врз либанската влада да го прифати нацртот на резолуцијата во Советот за безбедност. При тоа е јасно дека израелската диоптрија за целиот конфликт е поинаква од онаа во арапскиот свет, како и во делови на западниот. Израел имено не го доживува воениот конфликт како агресија, туку како реакција на нападите со касам и каќуша ракети од спротивната страна. Затоа дипломатските настојувања треба да ја спречат Хизболах милицијата, а не израелската воена операција.

„Доколку разговорите не вродат со плод, тогаш армијата во наредните денови ќе ги преземе неопходните чекори за да ги стави под контрола сите лансирни рампи за каќуша ракетите. Со цел да ја намали опасноста, така што израелските граѓани ќе можат да ги напуштат бункерите„ – изјави министерот за одбрана Амир Перец.

Во повеќе израелски градови на северот од земјата навистина голем број семејства деноноќно престојуваат во заштитните бункери. Вчера ракети паднаа во градовите Кирјат Шмона, Шломи, Нахарија и Сефад, при што имаше повеќемина повредени.

„Ги зедов со себе жената и детето и заминав од овде. Не знам што да кажам, кога ќе заврши сето ова? Децата страдаат, соседите, ова не е нормално„ – вели еден Израелец од градот Кфар Гилади, кој беспомошно стои пред неговата разурната куќа.

Во овој град во неделата загинаа 12 израелски резервисти, затоа шефот на генералштабот Шаул Мофаз дојде да го посети:

„Нападот врз Кфар Гилади е тежок за Израел. Мораме да ја продолжиме борбата и верувам дека на крајот Хизболах ќе биде изменет. Веќе сега оваа група не е таква, каква што беше пред почетокот на нашите напади!„

Многумина од меѓународните набљудувачи сметаат напротив дека Хизболах милицијата ќе излезе уште посилна од конфликтот, впрочем исто како и нејзините поддржувачи - Сирија и Иран.