1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел се заканува со казни за Палестинците

15 октомври 2009

Советот на ОН за човекови права денеска треба да се зафати со т.н. „Голдстоун“ извештај за воени злосторства во појасот на Газа, кој Израел го отфрлува, а арапските земји инсистираат да се најде на дневен ред.

https://p.dw.com/p/K6TB
Израелските напади во Газа-на тапет на јавностаФотографија: AP

Претседателот на Палестинците Махмуд Абас попушти под притисокот на својот народ и ја смени одлуката. До пред две недели тој пледираше дебатата за извештајот на „Голдстоун“ - комисијата во Советот на ОН за човекови права да биде одложена за март наредната година. Тоа наиде на неразбирање кај неговиот народ, не само кај политичките противници од исламистичкиот Хамас. Абас се соочи со обвинувања за колаборација и дека работи под притисок на Израел и САД. Во неделата тој објави дека палестинските автономни власти сакаат уште една вонредна седница за извештајот на „Голдстоун“.


Колку се оправдани стравувањата на Израел?

Заседанието на Советот за човекови права на ОН треба да се одржи денес и утре во Женева.

Можно е ова тело да ја осуди војната на Израел против Хамас во Газа, врз основа на информациите од „Голдстоун“ - извештајот. Во него Израел и Хамас се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото. Израел стравува дека Советот за човекови права може извештајот да го проследи до Советот за безбедност на ОН. Тој, пак, може да го овласти Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг да поведе постапка против одговорните за војната во Газа.

Но, дотаму веројатно нема да дојде. Амбасадорката на Израел во ОН, Габриела Шалев, изјави дека САД ќе застанат на страната на Израел: „Министерката за надворешни работи Хилари Клинтон вети дека доколку дојде до гласање во ОН, САД ќе се заложат не за ефективни, туку за оперативни средства и ќе го употребат своето право на вето.“

Пораки до автономните палестински власти

Raketenangriffe im Gaza-Streifen und Israel
Фотографија: AP

Пресвртот во политиката на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас, значи веројатно нема да води до тоа поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт или министерот за одбрана Ехуд Барак да мораат да одговараат пред судот во Ден Хаг. Но, Израел стравува за својот меѓународен углед. Според информациите на армиското израелско радио, претставник на Министерството за одбрана се заканил дека Израел ќе го казни раководството на палестинските автономни власти ако извештајот на „Голдстоун“ - комисијата стигне до Советот за безбедност на ОН. Ваква порака била испратена во Рамала. Палестинското автономно раководство мора да биде свесно дека неговата судбина, политичка и економска иднина зависат од соработката со Израел во борбата против палестинскиот тероризам, изјави претставникот на израелската влада.

Во Израел сега владее вчудовидување од промената на ставот на Абас, дури и кај опозицијата. Цачи Ханегби, претседателот на Комисијата на Кнесетот за одбрана и надворешна политика за израелското радио изјави: „Оваа работа ја потегнуваат најрадикалните сили меѓу државите во ОН. Банда криминалци сака со помош на ’Голдстоун’ - извештајот да постигне една влада, која се придржува на правото и законите, да биде изведена пред суд поради борбата против организираното злосторство.“

Според желбата на Палестинците, на седницата на Советот на ОН за човекови права не треба да се разгледува само војната во Газа, туку и статусот на Ерусалим и континуирната блокада на појасот Газа.

Автор: Себастијан Енгелбрехт / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска