1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел ослободи уште една група палестински затвореници

БГ/макфакс30 октомври 2013

Израел во текот на ноќта (29/30.10) ослободи уште 26 палестински затвореници, во втората фаза од ограничената амнестија, чија цел е да се оствари напредок во мировните преговори со Палестинците.

https://p.dw.com/p/1A8t6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Групата од 21 затвореник во текот на ноќта од затворот во Офер преку преминот Битунија ја примил претседателот на Палестинската самоуправа на Западниот брег (од реката Јордан) Махмуд Абас. Другата група од пет затвореници истовремено била ослободена во другата палестинска енклава, појасот Газа.

„Предавањето на затворениците беше проследено со безредија од палестинска страна. Како одговор на каменувањето, армијата употреби специјални средства“, изјави неименуван израелски извор. Сите освен еден затвореник минале од 19 до 28 години во израелските затвори и биле осуден на најмалку една доживотна казна за убиство на Израелец.

Станува збор за втората од вкупно четирите фази со кои во рок од девет месеци на слобода ќе бидат пуштени 104 Палестинци.

Нивното ослободување беше условот што Палестинците го поставија за обновување на мировните преговори со Израел. Преговорите беа повторно покренати од мртва точка во јули годинава со залагање на Вашингтон по тригодишниот застој.

Palästinenser / Israel / Nahost / Freilassung von Häftlingen
Ослободени палестински затворенициФотографија: Reuters

По ослободувањето челникот на Палестинската самоуправа изјави дека Израел мора да ги ослободи сите Палестинци во неговите затвори, услов без кој тој нема да го потпише мировниот договор.

„Ние ќе продолжиме со нашите напори за ослободување на сите наши сограѓани кои се наоѓаат во израелските затвори, без оглед на должината на казната или фракцијата на којашто тие ѝ припаѓаат. Тие ќе се вратат во своите домови и нема да бидат испратени во егзил. Нема да го потпишеме договорот сѐ додека од израелските затвори не бидат ослободени сите наши борци за слобода“, изјавил Абас.