1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел одбива примирје

Агенции (Ж.А.)30 декември 2008

Израелската авијација ноќеска (30.12.2008) изврши нова серија напади против Хамас во појасот на Газа. Според локалните власти, загинале најмалку десет лица, а во Израел тројца од истрелани палестински ракети.

https://p.dw.com/p/GP4v
Неколкудневни напади без прекин, Израел бомбардира во ГазаФотографија: AP

Цели на новите израелски воздушни напади, според очевидци и претставници на радикалниот Хамас, биле зградите на министерствата и безбедносните сили. Министерството за надворешни работи во Газа е целосно уништено, а нападнати биле и министерствата за одбрана и финансии, како и седиштето на премиерот. Од почетокот на израелската офанзива во појасот на Газа во саботата, досега загинале околу 360 луѓе, а околу 1700 се ранети. На израелска страна ноќеска е убиен еден војник во близина на границата со Газа и двајца цивили од палестински ракети.

Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак на палестинското радикално движење Хамас му објави „војна до крај“, на вонредната седница на Кнесетот изјави:

„Нема да биде едноставно, ќе има и компликации, но ви ветувам дека подготовките ќе бидат вршени со голема одговорност, а операцијата ќе биде проширувана се‘ додека е нужно.“

Барак не се изјасни директно за претстојна копнена офанзива, но таа е се‘ поверојатна.

Gaza Angriff Israel
Израелски тенкови во близина на границата со појасот на ГазаФотографија: AP

Хамас демонстрира сила

Израел сака по секоја цена да ги запре ракетите кои палестинските милитанти ги испалуваат на негова територија и да ја оневозможи владата на Хамас. Оваа организација пак реагира со нагласена опуштеност. Мушир ал Масри, пратеник од Хамас во палестинскиот парламент во интервју за израелското радио настапи самоуверено:

„Имаме се‘ под контрола. Хамас сеуште е господар на ситуацијата. Досегашните напади за нас беа само обични гребнатинки. Повторно ќе ги обновиме урнатите штабови и за неколку дена тие пак ќе функционираат.“

Во меѓувреме, Египет за првпат од најновите израелски напади во Газа го отвори граничниот премин Рафах за палестинските ранети и за хуманитарни пратки за палестинските области. Координаторот на ОН за итна помош Џон Хоулмс за ситуацијата во појасот на Газа вели дека е предизвикувачки загрижувачка.

Бидејќи Израел со месеци вршеше блокада на појасот на Газа, таму недостасуваат основните животни продукти. Вчера беше дозволен пристап на околу 60-тина товарни возила со храна и лекови во Газа.