1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел најави изградба на нови станбени единици на палестинските територии

СН/АТ/дпа/макфакс11 август 2013

Во среда (14.08) во Ерусалим треба да се оддржи вториот круг од обновените преговори меѓу Израел и Палестинците. Израелската влада во пресрет на средбата најави спорна изградба на нови живеалишта во еврејските населби.

https://p.dw.com/p/19Nh4
Фотографија: picture-alliance/dpa

Израелската влада одобри изградба на 1187 нови станбени единици во еврејските населби на териториите кои меѓународната заедница ги смета за окупирани палестински територии, пред почетокот на вториот круг од директните израелско-палестински мировни преговори на 14. август под покровителство на САД.

Израелскиот министер за градежништво Ури Ариел денеска (11.08) изјави дека новите куќи ќе бидат изградени на Западниот брег (од реката Јордан) и во источен Ерусалим, кои се палестински енклави, за да се задоволат потребите на израелските државјани. Според Ариел, во источен Ерусалим ќе бидат изградени 793 станови, а 394 во неколку поголеми населби на Западниот брег, во Маале-Адумим, Бејар-Илит, Ариел и Ефртат. Портпаролот на министерството изјави дека изградбата ќе започне за година или две.

Новите градења во еврејските населби се најавени само три дена пред продолжувањето на преговорите кои треба да се одржат во Ерусалим, иако токму тоа прашање речиси три години ги блокираше последните директни преговори меѓу Израелците и Палестинците во 2010 година.

Westjordanland israelische Siedlung Ofra bei Ramallah
Фотографија: Reuters

Министерот Ариел изјави дека „ниедна земја на светот не прифаќа налози од други држави за тоа каде смее, а каде не смее да гради. Ќе продолжиме да продаваме и да градиме куќи во целата земја. Тоа е исправно во овој момент, за ционизмот и за економијата“, рекол Ариел.

Во моментов на Западниот брег и источен Ерусалим живеат околу половина милион Евреи израелски државјани. Претседателот на палестинската самоуправа Махмуд Абас претходно беше решителен во ставот дека преговорите нема да продолжат сѐ додека Израел не ја замрзна градбата на новите населби, меѓутоа ставовите ги ублажи благодарејќи на посредувањето на државниот секретар на САД, Џон Кери кој во јули успеа да ги придвижи замрените преговори, откако за само неколку месеци шест пати престојуваше во регионот.

За да покаже добра волја и да го донесе на преговарачка маса претставникот на Палестинците, Израел донесе одлука да ослободи стотина палестински затвореници од своите затвори. Ослободувањето на првата група од 26 затвореници, треба да се случи во текот на денов.