1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Palästina Staat

26 септември 2011

Советот за безбедност на ОН денеска (26.09) ќе го разгледува барањето на Палестинците за полноправно членство во ОН. Барањето нема изгледи за успех, а сепак може да донесе нова динамика во мировниот процес.

https://p.dw.com/p/12gZd

Историјата вее во грбот на Палестинците и на нивното барање му дава нов полет. Мировно решение на Блискиот Исток мора да е резултат на преговорите меѓу Израел и Палестинците. Заобиколницата преку ОН, на проблемот на Палестинците му дава нова двигателна сила. Израел едноставно предолго ја криеше главата в песок и се спротивставуваше на ефективни преговори. Дипломатијата на меѓународната заедница со години запаѓаше во се‘ поголем ќорсокак. Америка беше врзана со борбата против тероризмот и, во меѓувреме, се занимава пред се‘ самата со себе. Европа во концертот на повеќето сили бара единствен глас, но по прашањето на Блискиот Исток досега го нема најдено.

Германија зад кулисите стори што можеше за спречување на конфронтација. Шанса постои се‘ уште, доколку до третманот на проблемот во Советот за безбедност се врши притисок врз Израел. Владата на Нетанјаху мора да запре со изградба на населби на Западниот Брег и да се врати на преговарачка маса. Блискоисточниот квартет за тоа има јасен временски план.

DW Deutsches Programm Daniel Scheschkewitz
Даниел Шешкевиц, автор на коментаротФотографија: DW

Палестинците веќе нема да мируваат. Доколку нивното барање за полноправно членство не успее во Советот за безбедност, тие ќе се обратат до Генералното собрание на ОН. Притоа, на своја страна имаат мнозинство од 193-те членки на Светската организација. Палестинците веќе сега се морални победници - дури и доколку нивното барање во Советот за безбедност доживее неуспех. Духот што еднаш излегол од шишето, веќе не може да се врати назад. 

Меѓународната заедница, а пред се‘ Западот, е под притисок. Германија треба да ја испочитува историската одговорност кон Израел и да и‘ помогне на земјата да излезе од актуелната изолација. Тоа е можно само ако еврејската држава направи територијални отстапки во однос на Палестинците. Времето за такво нешто е созреано. Тоа веројатно го осозна и претседателот Обама. Постојаното намигнување во насока на еврејското лоби во САД, во година пред избори, е сфатливо, но во меѓународни рамки, доколку сега не се зголеми притисокот врз Израел, на Америка и‘ се заканува губење на моралната водечка позиција во светот.

Ако ништо не се случи и барањето на Палестинците биде одложено за долг период во Советот за безбедност, Палестинците и нивните арапски соседи самите ќе се погрижат да бидат слушнати. Безбедноста на Израел ќе ја загрозуваат нови коалиции. Израел веќе го загуби Египет како партнер. Израелската влада мора да ги препознае знаците на времето и да ја искористи можеби последната шанса за продуктивни преговори. Во спротивно, мирот на Блискиот Исток е и тоа како загрозен.

Автор: Даниел Шешкевиц

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Горан Чутаноски