1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел мирољубиво го зазеде бродот „Рејчел Кори“

5 јуни 2010

По четири предупредувања, израелската војска претпладнево го зазеде ирскиот брод „Рејчел Кори“, кој превезува хуманитарна помош за Газа. Војниците се качиле на бродот во близина на средоземноморскиот брег на Газа.

https://p.dw.com/p/Niv6
Бродот „Рејчел Кори“ заостана зад конвојот, кој во понеделникот беше нападнат од ИзраелФотографија: AP

„Војниците воспоставија контрола на бродот, без да употребат сила, а екипажот и патниците не пружија отпор. Нема повредени“, рече воената портпаролка Авитал Лајбовиц.

Израелски воени бродови го следеа бродот со хуманитарна помош од рано утринава, откако посадата не ги послуша барањата на Израел да го промени курсот и да се упати кон израелското пристаниште Ашдод. Наместо тоа, бродот „Рејчел Кори“ продолжи да плови кон брегот на појасот Газа, кој е под израелска блокада.

Активистите ја одбија понудата на Израел

Israel Palästina Palästinenser Gaza Angriff Schiff
Израелската морнарица повеќепати го предупредила бродотФотографија: AP

Во изјавата на израелското министерство за надворешни работи во врска со денешната акција се наведува:

„Изминативе неколку дена Израел во повеќе наврати ги повика активистите на бродот ’Рејчел Кори’ да се упатат до пристаништето Ашдод, каде нивниот товар ќе беше растоварен, прегледан и транспортиран до копнениот премин кон појасот Газа. Сето ова ќе се одвиваше во присуство на претставници на активистите, како и владата на Ирска. Понудата беше неколкупати повторена во контактите меѓу израелската и ирската влада. За жал, активистите ја одбија оваа понуда“, се вели во соопштението на израелското министерство за надворешни работи. „Како резултат на ова, израелската морнарица денеска го зазеде бродот, со целосна согласност на екипажот, и го пренасочи кон пристаништето Ашдод. Операцијата беше спроведена мирољубиво, без никакви инциденти, каков што беше случајот со претходните шест бродови“, се наведува во соопштението.

Израелските власти соопштуваат дека товарот на бродот „Рејчел Кори“ ќе биде растоварен на пристаништето Ашдод, а ирските и малезиските активисти ќе бидат вратени во нивните татковини што е можно поскоро.

Израел не дозволува пробивање на блокадата кон Газа

Israel Palästinenser Gaza Ministerpräsident Benjamin Netanyahu
Израелската влада не попушта во блокадата на ГазаФотографија: AP

Претходно, за германската агенција ДПА, портпаролот на израелското министерство за надворешни работи Јигал Палмор соопшти дека Израел нема да дозволи пробивање на блокадата кон Газа. „Појасот се` уште претставува воена зона, поради присуството на радикално-исламистичката организација Хамас и затоа и натаму е под блокада.“

Во меѓувреме, шведските пристанишни работници соопштија дека ќе ги бојкотираат израелските бродови за пренос на стока, во знак на протест поради нападот на конвојот кој превезуваше хуманитарна помош за Газа. Шведскиот синдикат на пристанишните работници соопшти дека околу 1.500 нивни членови ќе одбиваат да работат со израелската стока и бродовите од 15. до 24. јуни. Тие како причина за бојкотот го наведуваат „незабележаниот криминален напад над мирната флота“.

Автор: ТТ/ЕМФ/дпа/апн/миа

Редактор: Елизабета Милошевска-Фиданоска