1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел и Палестинците повторно на преговарачка маса

ЖА/дв/дпа/ртре/афп20 јули 2013

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери објави успех на своите макотрпни напори: Израелците и Палестинците се подготвени повторно за директни мировни преговори.

https://p.dw.com/p/19B4e
Фотографија: Reuters

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери шестпати водеше исцрпни сондирања меѓу сите конфликтни партии на Блискиот Исток. Американскиот претседател веднаш по својот реизбор го овласти ова да биде негова главна дипломатска задача. Кери сега известува за успх: среде зовриениот кризен регион Израел и Палестинците се согласија на продолжување на директните мировни преговори, по три години пауза.

По околу половина година интензивна дипломатија, Кери во Јордан, пред своето враќање во САД, објави:

„Во името на претседателот Барак Обама со задоволство можам да соопштам дека постигнавме согласност околу база за повторни директни преговори за договор кој би ставил крај на конфликтот“. Кери не сакаше да објави детали, зашто тие допрва треба да бидат прецизирани.

Палестинскиот преговарач Саеб Ерекат и израелската министерка за правда Ципи Ливни, кои се одговорни за преговорите, според Кери, уште идната недела ќе се сретнат на директни разговори во Вашингтон.

„Сите се свесни дека ова нема да биде едноставно, никој не верува преку ноќ да се премостат разликите меѓу двете страни“, на ваков начин Кери ги амортизира сепак преголемите очекувања од разговорите. А тие имаат најмногу шанси на успех ако се водат настрана од јавноста, убеден е Кери.

Најважно спорно прашање е границата и градењето на еврејски населби на окупираните територии.

John Kerry und Benjamin Netanyahu
Џон Кери и Бенјамин НетанјахуФотографија: Jacquelyn Martin/AFP/Getty Images

Кратко пред пробивот, Кери имаше околу двечасовна средба со претседателот на Палестинците Махмуд Абас во Рамала во Западниот Брег (на насловната фотографија). Повеќемесечните напори на Кери за цел имаат решение со постоење на две држави. Меѓутоа, останува отворено какви отстапки направиле Палестинците и Израелците за да го овозможат успехот.

Радикално-исламистичкиот Хамас, кој владее во Појасот Газа, го одби враќањето на преговарачка маса. Автономните палестински власти не работат во согласност со националните интереси на Палестинците, соопшти портпарол на Хамас, според кого, Абас не е овластен да зборува од името на целиот палестински народ.

Првпат по повеќе месеци, во сондирањето повторно се вклучи и самиот претседател Обама. Тој во телефонски разговор од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да работи и натаму заедно со Кери на што побрз нов старт на мировните преговори.

Западните политичари го поздравија успехот на Кери. ЕУ ја пофали храброста на двете страни, Израелците и Палестинците, како и упорноста на американскиот министер. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун апелираше до конфликтните партии да покажат водечка сила, храброст и одговорност, напори кои треба да водат до решението - постоење на две држави.

И германската влада го пофали Кери и му искажа поддршка. Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле изјави дека продолжувањето на директните преговори би бил голем чекор и енормно придвижување.