1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

101111 Israel IAEA

10 ноември 2011

По најновиот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија за иранската атомска програма, Израел бара од меѓународната заедница да преземе конкретни мерки и да го спречи Иран да создаде атомска бомба.

https://p.dw.com/p/138IK
Иран не се откажува од атомската енергијаФотографија: Fars

Израелската влада, вообичаено, реакцијата на извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија им ја препушти на опозицијата и на медиумите. Така, лидерот на опозицијата, Ципи Ливни, од партијата Кадима, преку радиото го изнесе не само нејзиниот став, туку и на мнозинството Израелци:

„Сега е веќе и официјално - Иран се обидува атомската енергија да ја користи во воени цели, а светот треба да го запре во тоа. Ова не е веќе само работа на коалицијата или опозицијата, ова не е само проблем на Израел туку на целиот свет, Иран треба да биде спречен“.

Меѓународната заедница на потег

Nahost Wahlen Tzipi Livni Isreael Wahlkampfveranstaltung der Kadima
Ципи ЛивниФотографија: AP

Топката сега е префрлена кај меѓународната заедница, гласи преовладувачкиот став во коментарите и извештаите на медиумите за иранската атомска програма. Ретко некој во Израел верува во можноста Русија и Кина да застанат на страната на Западот и да се придружат кон построги санкции против Иран.

Затоа, надежите се насочени кон нов курс на САД и на Европа. Израел бара од нив санкции кои ќе го руинираат иранското стопанство. Бојкот на иранскиот извоз на нафта и исклучување на Техеран од меѓународниот промет на пари - така гласат предлозите на израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак.

Решението е сепак војна?

Малку од граѓаните веруваат во успешноста на санкиите. Ерец Голдман од Ерусалим го дели мислењето на многумина свои сограѓани:

„Нашиот главен проблем е што Русија и Кина не ја сфаќаат вистинската закана од Иран. И не само тоа. Тие веројатно и го поддржуваат Техеран. Се‘ додека тие не се обединат во ставот со САД, не гледам друго решение освен напад врз Иран“.

Друг жител на Ерусалим, Ален Шухалтер, гледа поврзаност со војната на САД во Ирак:

Israel Ehud Barak verlässt Labor Party und will neue Partei gründen
Ехуд Барак верува во „брза“ војна со „малку“ жртвиФотографија: dapd

„Многу е опасно на една исчашена и нестабилна нација како Иран да и‘ се дозволи производство на оружје за масовно уништување. Американците направија се‘ за да го нападнат Ирак, иако тој не поседуваше атомско оружје. Сега нема никаква причина да се двоумат околу решителна акција. Ако постои се‘ уште шанса за обид со сериозни економски санкции - добро, но немаме уште многу време. Не постои причина поради која Израел треба да ја плати цената и да го носи најголемиот ризик, имено - закана од уништување“.

Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак во получасовно радио-интервју им влеа храброст на сограѓаните. Војна, ако мора да ја има, а е против волјата на Израел, би можела да биде контролирана. Ако сите се засолнат во скривалишта, тврди Барак, во војна против Иран не би имало ниту 500 жртви.

Автор: Себастијан Енгелбрехт/ Ж. Ацеска

Редактор: Е.М.Фиданоска