1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Außenminister EU

22 февруари 2010

Редовна месечна средба на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Брисел. Некои од нив имаат незгодни прашања за израелскиот министер за надворешни работи, Авигдор Либерман, кој исто е во Брисел.

https://p.dw.com/p/M7iY
Неколку европски министри закажаа средби со ЛиберманФотографија: AP

На дневниот ред на министерската средба во Брисел се веќе познатите теми: иранската атомска програма, Авганистан, Зимбабве, ситуацијата на Хаити, во Украина и во Белорусија. Напредок не се бележи никаде, а министрите за надворешни работи ни денеска нема да можат којзнае колку да придонесат за придвижување на проблемите.

Вниманието, всушност, го одвлекува една друга тема, која официјално воопшто не е на министерската агенда. Имено, израелскиот министер за надворешни работи, Авигдор Либерман, е исто така во Брисел. Иако неговата посета е одамна планирана, со оглед на актуелните случувања станува многу поинтересна. Неколку министри од земјите-членки на ЕУ изразија желба да се сретнат со Либерман и да му постават неколку не толку пријатни прашања.

Nahost Mahmud al-Mabhuh Suspekte Flash-Galerie
Осомничените тајни агенти, одговорни за убиството на МабхухФотографија: picture alliance/dpa

Таинствено и спектакуларно убиство

Се работи за убиството на Махмуд ал-Мабхух, еден од највисоките функционери на палестинската организација Хамас, кој меѓу другото се сомничи и за шверц на оружје. Постојат сомневања дека спектакуларното и во исто време мистериозно убиство од средината на минатиот месец било извршено од агенти на израелската тајна служба Мосад. Шефот на полицијата во Дубаи е 99 проценти сигурен во ова, а и меѓу европските дипломати не е мал бројот на оние кои исто така се сомневаат во Мосад. Еден британски весник на викендот дури напиша дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху лично дал наредба за извршување на убиството.

Аферата доведе до дипломатска криза меѓу Израел и неколку европски држави, бидејќи агентите на Мосад поседувале фалсификувани европски пасоши, и тоа од Ирска, Велика Британија, Франција и Германија. Еден од германските пасоши бил издаден во Келн и тамошното државно обвинителство веќе отвори истрага за да се расветли дали осомничениот убиец успеал да се претстави со лажен идентитет и така да добие германска патна исправа.

Загриженост и лутина во Ирска

Особено погодена е Ирска. Пет од фалсификуваните пасоши потекнуваат од зелениот остров, па ирскиот министер за надворешни работи, Мајкл Мартин, закажа средба со Либерман.

Mahmoud al Mabhouh Hamas Portrait
Убиството на Мабхух доведе до дипломатска криза меѓу Израел и ЕвропаФотографија: AP

„Многу сум лут и загрижен. Ова е сериозен проблем, кој ја доведува во прашање безбедноста на нашите граѓани“, истакна Мартин, додавајќи дека ќе побара од Либерман расветлување на овој проблем. Меѓутоа, повеќе од сигурно е дека од израелскиот министер нема да добие некое големо ветување. Израел досега не даде ниту еден коментар, кој би можел да навестува вмешаност на тајната служба Мосад во убиството на функционерот на Хамас.

Останува само да се сочека крајот на средбата меѓу Мартин и Либерман, па според нивните изјави да се претпостави колкав е потенцијалот за заострување на кризата меѓу Израел и неговите европски партнери.

Германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле, веќе побара брзо и ефикасно расветлување на случајот. Меѓутоа, нема да може ова лично да му го соопшти на својот израелски колега, бидејќи во Брисел го испрати својот заменик, Вернер Хојер. А тој, како што се дознава, нема закажано средба со Либераман.

Автор: Мартин Боне / Трајче Тосев

Редактор:Жана Ацеска