Израел го обвини Иран за нападите во Индија и Грузија
13 февруари 2012Во близина на израелската амбасада во Њу Делхи денеска (13.02.) се случи експлозија, во која е повредена сопругата на еден израелски дипломат и три други лица, известија израелски и индиски меидуми. По експлозијата во пламен било едно дипломатско возило. Во Грузија, пак, спречен е бомбашки напад врз израелскиот амбасадор. Под возилото на амбасадорот е откриен и деактивиран експлозив, соопшти министерството за внатрешни работи во Тбилиси. Експлозивот под возилото го видел возачот на амбасадорот, по што веднаш е известена полицијата.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за нападите го обвини Иран. Тој на средбата со пратениците од неговата партија Ликуд рече дека верува оти зад нападите во Њу Делхи и Тбилиси стојат Иранци. Израелските медиуми шпекулираат дека нападите се поврзани со четвртата годишнина од убиството на командантот на Хезболах Емад Магханија. Топ-терористот беше убиен во бомбашки напад во Дамаск, во февруари 2008 година. Хезболах го обвини Израел дека стои зад нападот и најави одмазда. Израелското радио, пак, јави дека постои можна врска и со серијата напади врз ирански нукеларни научници, зад кои, според сомневањата во Иран, стои израелската тајна служба Мосад.
Автор: ЕМФ/дпа/дапд
Редактор: Александар Методијев