Израел вложи жалба поради сириските тенкови во Голанската висорамнина
4 ноември 2012Жалбата на Израел до ОН доаѓа откако три тенкови на сириската армија во рамките на операциите против бунтовниците навлегле во Голанската висорамнина во делот на демилитаризираната зона во селото Беер Аџам во близина на Кунеитра, јави израелското државно радио. Портпарол на армијата на Израел меѓутоа не сакаше да ги коментира информциите дека војската на оваа земја ја зголемила борбената готовност.
За време на т.н шестдневна војна во 1967 година Израел освои делови од Голанската висорамнина. Сирија постојано бара од Израел да ги врати окупираните делови од нејзината територија кои еврејската држава во 1981 година ги анектираше.Обединетите нации не ја признаваат анексијата. Израел и Сирија официјално и натаму се наоѓаат во војна. По договорот на овие соседни земји од 1974 година во демилитаризираната зона на Голанската висорамнина патролираат околу 1200 невооружени „сини шлемови“ на ОН.