1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел бара прекин на нуклеарните активности на Иран

22 август 2010

Израел денеска повторно остро реагираше на отворањето на првата нуклеарна централа во Иран, оценувајќи дека полнењето со гориво на нуклеарната централа „Бушер“ е „целосно неприфатливо“.

https://p.dw.com/p/OtRP
Нуклеарната централа во „Бушер“Фотографија: AP

Израел ја повика меѓународната заедница да изврши поголем притисок за да го натера Техеран да ги прекине активностите на збогатување ураниум.

„Целосно е неприфатливо една држава, која така очигледно ја крши резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, одлуките на Меѓународната агенција за атомска енергија и своите обврски во рамките на Договорот за неширење на нуклеарно оружје, да ужива во плодовите од користењето нуклеарна енергија“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Јоши Леви. „Меѓународната заедница треба да го зголеми притисокот за да го натера Иран да се придржува до меѓународните одлуки и да ги прекине своите активности на збогатување ураниум и изградба на реактор“, рече Леви.

Иран тврди дека целта на нуклеарната програма е производство на енергија, додека западните земји стравуваат дека Техеран сака тајно да произведува атомско оружје. Иранските и руските инженери вчера почнаа да ја полнат со гориво централата, што ќе трае околу една седмица, и тоа претставува прв чекор кон целосно активирање на атомската централа, која САД се обидуваа да ја спречат стравувајќи од иранските нуклеарни амбиции.

Стејт Департментот не гледа проблем

Iran Abwehrsystem Mersad
Покрај нуклеарната енергија, Иран развива и нови ракетиФотографија: FARS

Но, Стејт Департментот во првата реакција по претставувањето на централа, изненадувачки соопшти дека не гледа „ризик“ од пролиферација на нуклеарно оружје, и дека верува оти нуклеарката е наменета за цивилни потреби.

Русија, која ја доврши изградбата на овој капацитет, вети дека ќе го надгледува местото и ќе спречи нуклеарен материјал евентуално да биде искористен за производство на атомско оружје.

Изградбата на централата „Бушар“ во 1970 година ја почна германската корпорација „Сименс“, а од 1997 година изградбата ја презеде руска државна компанија.

Иран развива и нови ракети со голем дострел

Со потег кој дополнително може да ги разгори страстите на Блискиот Исток, Иран денеска го претстави и новото беспилотно летало наречено „Карар“. Претставувањето го изврши претседателот Махмуд Ахмадинеџад, лично, на Универзитетот во Техеран. Според иранската државна телевизија, леталото е способно да бомбардира цели со голема брзина и има голем дострел. Во рамките на прославата на Деновите на одбранбената индустрија, се очекува иранските власти деновиве да ја претстават и новата ракета „Фатех“ за која се најавува дека ќе има дострел до 200 километри.

Иран редовно се обидува да ја прикаже својата воена моќ, а последните промоции се совпаѓаат со предупредувањата на официјален Техеран од евентуален напад врз земјата од страна на Израел или САД.

Автор: БГ/ афп/ дпа/ миа

Редактор: Александра Трајковски