1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелец и Палестинка се спријателија во Охрид

12 мај 2009

Додека папата е на Блискиот исток, во Охрид, на семинар организиран од кумановскиот Центар за меѓукултурен дијалог и ЕК, млади се обучуваат за работа со деца со посебни потреби. Меѓу нив и еден Израелец и Палестинка.

https://p.dw.com/p/HoH0
Мирот и спокојството што владеат во Охрид можат да станат реалност и кај нас, убедени се Зејад и КалидахФотографија: Petar Stojanovski

Млади од 27 држави од просторите на поранешниот Советски сојуз, поранешна Југославија, од неколку европски земји и земји од Блискиот исток десетина дена се во Охрид на заедничка обука и дружба. Сите нивни животни приказни се различни. Најголем дел од нив за првпат се во Македонија. Посебно внимание привлече познанството и меѓусебната дружба меѓу трисетгодишната Палестинска, Калидах и триесетишестгодишниот Израелец, Зејад. И додека нивните земји се гледаат низ призмата на оружјето, тие во Охрид се дружат и покажуваат дека меѓу Палестинците и Израелците е можен мир.

Мир и спокојство

„Охрид и Македонија ми се допаѓаат премногу. Пет дена сум тука и воодушевен сум од тоа што го видов. Најмногу ми се допаѓа гостопримството на луѓето, нивната отвореност и посебниот однос кон туристите. Изненаден сум од ова што го гледам во Македонија и верувам дека и Израелците и Палестинците можат заедно да живеат во мир,“ вели Зејад.

„Поминав многу земји за да стигнам до Македонија. Доаѓам од едно мало село од Палестина до Јордан, преку Турција во Македонија. Имам многу прочитано за Македонија. Информирана сум за спорот со Грција. Сум читала за Александар Македонски. Тој бил првиот човек кој размислувал за глобализација. Тоа што го гледам овде, во Македонија, може да се опфати со еден збор - мир. Во Охрид го најдов спокојството, со тоа што видов џамија до црква. Тоа покажува многу за меѓукултурниот дијалог. И тоа зборува дека сите луѓе можат преку дијалог да изградат мир во светот“, убедена е Калидах.

Nahost
Оружјето на Блиски исток може и треба да замолчиФотографија: AP

„И на Блискиот исток е потребен мир како во Македонија“

„Додека патувавме кон Македонија, јас и Калидах зборувавме дека треба да има мир меѓу Израел и Палестина, ист таков мир каков што има во Македонија. Ние се молиме мирот конечно да стигне. Живееме со таква надеж. Ќе им пренесам на пријателите дека во Македонија муслиманите и христијаните живеат заедно и дека тоа би можело да се примени и кај нас“, подвлекува Зејад.

„Јас морав да влезам во Израел за да добијам виза. Зејад беше тој што ми помогна да влезам и да добијам виза. Тој ме повика во Израел да ја претставувам мојата организација, која се бори за мир. Тој вложи многу напор за моето доаѓање тука. И токму затоа нашиот однос е вистински, пријателски. Ние се бориме и се надевам дек ќе успееме да создадеме независна држава. Ги гледаме и другите земји кои се борат за самостојност и успеваат. И оттука, се надеваме дека и мојата Палестина ќе успее“, нагласува Калидах.


Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска