Изненадување од „Волците“, доминација на Каталонците
4 јануари 2010„И сега е крај. Волфсбург е фудбалски шампион на Германија во сезоната 2008/ 2009 година!“
Најголемото спортско изненадување на годината во Германија - фудбалскиот клуб Волфсбург за првпат во својата историја ја освои титулата во Бундеслигата.
„Нормално беше како во сон, денеска во Волфсбург да се добие шампионскиот пехар. Во тоа се’ уште не можев да верувам пред неколку недели, а да не зборуваме за почетокот на сезоната. Можеби не го имавме најдобриот тим, ама затоа прикажавме најдобар фудбал во текот на целата сезона“ , изјави во часовите на триумфот Феликс Магат, тренерот на шампионот кој во тоа време веќе имаше најавено дека по крајот на сезоната заминува во Шалке. Покрај на Магат, Волфсбург за освојувањето на титулата пред се’ треба да им биде благодарен на напаѓачите Графите и Един Џеко, кои постигнаа 28 односно 26 голови, повеќе од кој било друг напаѓачки двоец во историјата на Бундеслигата.
Бајерн Минхен „со едно модро око“
На Бразилецот Графите му успеа да го постигне и еден од најубавите голови на годината, и тоа против Бајерн Минхен:
„Против пет играчи на Бајерн и потоа со пета во голот.“
„За мене ова е супер гол, а и за екипата е супер гол“, изјави Графите по постигнувањето на тој гол кој значеше и конечна победа на Волфсбург во мечот со Бајерн од 5:1. Баварците беа декласирани. Со тренерот Јирген Клинсман, на Минхенчани не им одеше најдобро. Дури откако Клинсман доби отказ и Јуп Хајнкес ја презеде неговата функција во клучната фаза на сезоната, Баварците повторно дадоа гас. На крајот, Бајерн беше вице-првак на Германија:
„На крајот од тоа излеговме со едно модро око. Второто место и четвртфиналето на Лигата на шампионите беа наши минимални цели. И затоа можеме да говориме за една прифатлива сезона, а се разбира не за извонредна, зашто ако Бајерн во 34 кола ниту еднаш не беше лидер на табелата , тоа значи дека нешто не било како што треба“ , изјави тогашниот менаџер и актуелен претседател на клубот Ули Хенес.
Вердер Бремен во стилот „топло- ладно“
Имаше и други клубови кај кои нешто не штимаше. На пример, Арминија Билефелд. Екипата се наоѓаше во голема опасност од испаѓање, но сепак, во претпоследното коло го отпушти тренерот Михаел Фронцек и го назначи Јерг Бергер за само едно коло:
„Тоа беа четири-пет дена, кусо време, но конечно лично и мене ми дадоа нешто. На крајот фалеше само еден гол. О. К. таков е фудбалот.“
Карлсруе и Арминија Билефелд директно испаднаа од првата лига, додека третата екипа од дното, Енерги Котбус не успеа подоцна во бараж-дуелот со третиот од втората лига, Нирнберг, да го задржи местото меѓу најдобрите 18 екипи во Германија.
Со освојувањето на десеттото место сезоната 2008/ 2009 мина разочарувачки и за Вердер Бремен. На крајот, сепак, играчите на Вердер можеа да се радуваат на една титула. Тие победија во финалето на Купот на Германија против Бајер Леверкузен со 1:0.
„Диего на лево го проигрува Езил. Тој е во шеснаесетникот. Нафрлување или шут, тоа е прашањето. Шут, гол! Гол на Езил!“
„Ова ми значи многу. Првпат едно убаво доживување, финале и победа“ , изјави по финалниот меч стрелецот на голот за Бремен, еден од најголемите надежи на германскиот фудбал, Месут Езил.
Историска година за Барселона
Вердер, меѓутоа, загуби едно друго финале. Во Истанбул избраниците на тренерот Томас Шааф пропуштија шанса да го освојат купот на УЕФА, што ќе беше нивна прва титула на меѓународната сцена од 1992 година наваму. Вердер загуби со 2:1 од Шахтјор Доњецк по продолженијата:
„Мора да се каже дека Шахтјор беше подобра екипа, малку подобра и за нијанса помудра. И мора да се биде фер губитник и да им се честита на Украинците“, изјави по мечот капитенот на Вердер , Франк Бауман.
Во минатата година мораше да и‘ се честита и на Барселона. Тимот предводен од суперѕвездата Лионел Меси, кој на крајот беше избран за најдобар фудбалер на годината во Европа и во светот, често играше фудбал од соништата и на крајот ги освои сите можни шест титули во клупските натпреварувања, меѓу нив и најпрестижната во Лигата на шампионите. Во финалето беше совладан бранителот на титулата Манчестер Јунајтед со 2:0.
„Вечерва нашата одбрана беше многу лоша. Им честитаме, не надиграа, подобриот тим победи и сега не може ништо да се стори околу тоа“, изјави по финалниот меч во Рим, тренерот на Манчестер Јунајтед, Алекс Фергусон.
Барселона, инаку, ги освои и шампионската титула и купот и суперкупот во Шпанија, потоа суперкупот на Европа, а на крајот на годинава стана и светски клупски шампион со победата над аргентинскиот Естудијантес во Абу Даби.
2010 гарантира многу возбудувања
И додека германските екипи во машка конкуренција останаа со празни раце во меѓународните натпреварувања, фудбалерките на Дуизбург со освоија Купот на УЕФА. Избраничките на тренерката Мартина Фос во првиот финален меч славеа со убедливи 6:0 против рускиот претставник, Ѕвезда Перм. Реваншот во Русија заврши со резултат 1:1.
„Беше забавно, ми се наежи кожата. Едноставно сум тотално фасцинирана и ова овде денеска нема никогаш да го заборавам“ , изјави Фос по освојувањето на титулата.
Екипата на Дуизбург, покрај тоа, со победата од 7:0 против Турбине од Потсдам го освои и Купот на Германија. Фудбалерките од Потсдам, пак, една недела по срамниот пораз во финалето на Купот можеа да и‘ се радуваат на шампионската титула во Германија.
Новата сезона во машката Бундеслига ветува многу возбуда во 2010 година. По есенскиот дел од сезоната, Бајер Леверкузен како единствена непоразена екипа, се наоѓа на врвот на табелата со еден бод предност пред Шалке. Два бода заостанување зад Леверкузен има рекордерот во шампионски титули во Германија, Бајерн Минхен, кој доцна ја достигна посакуваната форма:
„Сметам дека севкупно воопшто не игравме лошо. На почеток не одговараа резултатите. И затоа имавме заостанување зад најдобрите во лигата. На крајот се виде дека знаеме да играме фудбал и затоа ја посакуваме шампионската титула. Не е се‘ едно дали ќе бидеш есенски првак, но тоа не е гаранција дека на крајот ќе ја освоиш титулата “, порачува капитенот на Бајерн Минхен, Марк ван Бомел.
Автор: Симе Недевски
Редактор: Жана Ацеска