1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изненадувачки резултат од мисијата на Картер

Себастијан Енгелбрехт22 април 2008

Поранешниот претседател на САД Џими Картер посредуваше во блискоисточниот конфликт. Израел и САД го критикуваа оти разговараше и со претставници на радикално-исламистичкото движење Хамас. Но резултатот му даде за право.

https://p.dw.com/p/Dm2a
Џими Картер на Блискиот истокФотографија: AP

Џими Картер се обиде да пополни една празнина во блискоисточната дипломатија на својата земја. Актуелниот претседател Џорџ Буш постојано нагласува дека цврсто верува оти ќе биде постигнат мировен договор меѓу Израел и Палестинците до крајот на годинава, но упорно го негира прашањето, како во договорот ќе го вклопи појасот на Газа, кој е под контрола на Хамас.

Картер, како да сакаше да му демонстрира на Буш што треба да прави, разговараше со претставници на Хамас во Каиро и Дамаск. Вчера во Ерусалим тој ја пренесе нивната порака: „Тие рекоа дека би прифатиле палестинска држава во границите од 1967-ма година и би го признале правото на Израел да живее во мир како нивен сосед, под предуслов Палестинците на референдум да ги одобрат договорите меѓу израелскиот премиер Олмерт и претседателот на Палестинците Абас, дури и кога Хамас не би бил согласен со делови од спогодбите“.


Картер не успеа да издејствува од Хамас примирје со Израел


На Џими Картер не му беше овозможено во Ерусалим овие умерени зборови на водачите на Хамас да му ги пренесе директно на премиерот Олмерт, кој одбива било какви контакти со Хамас. Абас, пак, во клучниот момент е согласен со Хамас и самиот повеќепати во изминатите денови рече дека за резултатите од преговорите ќе побара согласност од народот на референдум.

Но, Картер не успеа Хамас да го наведе на примирје со Израел. „Сосем недвосмислено вршевме притисок за примирје. Мој предлог беше тие да прифатат еднострано 30-дневно примирје без учество на Израел. Тие цел ден се советуваа и на крајот изјавија дека се потпираат врз египетските посредници и опстојуваат врз резултатот постигнат со египетска помош. Тие рекоа дека не сакаат да донесат решение за еднострано примирје, оти не веруваат дека Израел ќе ги запре нападите во Газа и Западен Јордан“ - објасни Џими Катрер.

На критичарите на неговата блискоисточна мисија Картер им возврати дека не е проблем неговото решение да разговара со Хамас, туку што Израел и САД одбиваат да го сторат тоа.