1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Измина уште една година на политичка неизвесност

29 декември 2011

Одбележани беа две децении од самостојноста и една од воениот конфликт. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и натаму суверено владејат. Опозицијата обвинува за политика на страв. 2011 беше година на неисполнети надежи

https://p.dw.com/p/13bDq
Фотографија: Petr Stojanovski

Годината започна со медиумско-политичката битка околу првата приватна телевизија А1, но завршува со (ре)обновени сомневања дали газдите на телевизиите можат да бидат лидери на партии и избрани пратеници. Овој пат цел се националните концесионери Сител и Канал 5. Цела година во фокусот на општествената дебата континуирано се наоѓа дилемата дали македонското новинарство е партиски привезок, колку има слобода на говор и демократски дебати. По острите критики од ЕУ, ОБСЕ, европската Фридам хаус, за прв пат стартува дијалог меѓу Владата и новинарската асоцијација.

„Во демократските општества слободата е врвен критериум за демократија. Во бизнис сферата на пазарна економија иманентна и е либералната демократија. Ниту имаме демократија, ниту либерална економија“, кажа Никола Младенов, новинар и сопственик на новиот дневен весник Фокус, откако предходно згаснаа три од медиумската имерија на Велија Рамковски.

Mazedonien Velija Ramkovski
Велија РамковскиФотографија: Makfax

Од јули не зрачи највлијателната и дотогаш најгледана ТВ А1. Нејзиното фаворизирање на опозицијата околу СДСМ наспроти власта за време на кампањата, не ја спречи новата победа на ВМРО-ДПМНЕ и на вторите вонредни парламентарни избори.

Победа на Груевски- Црвековски се кае

Премиерот Никола Груевски, по петти пат, шест години по ред, извојува победа против СДСМ, сега предводен од старо-новиот лидер Бранко Црвенковски.

„Оваа власт кон граѓаните се однесува по принципите – ако не не сакате, барем ќе ни се плашите. Груевски и фамилијата го раскараа народот, не делат на наши и ваши, патриоти и предавници“, говореше на еден од митинзите Бранко Црвенковски, како лидер на СДСМ.

Прва посериозна проба на владината коалиција беше успешното затворање на хашките случаи против припадниците на ОНА, осомничени за воени злодела. Наместо Владата, ризикот од негативната реакција на опозицијата и дел од јавното мислење го презедоа новите пратеници. Тие изгласаа толкување дека и вратените досиеја од Хашкиот суд за воени злодела, се дел од општата амнестија прогласена во Македонија по воениот конфликт 2001 година.

Mazedonien Wahlen 2011
Бранко ЦрвенковскиФотографија: MIA

Втора вистинската проба за повторената соработка на тандемот Груевски-Ахмети беше пописот. Несреден, неорганизиран, партизиран, со опасност да ги продлабочи етничките недоверби, најголемата статистичка операција беше стопирана на половина од попишувањето. Ако тоа не се случеше Македонија можеше да има неверојатни 3- 4 милиони жители, зашто регистрирањето на жителите беше во тотален хаос..


ЕУ и НАТО и натаму сон

По стоте денови од владеењето челникот на ДУИ Али Ахмети како да ја забави партиската агресивност дека НАТО членството, ако ветен приоритет за Албанците и врвен за новата владина коалиција.

„Немаме потреба да бараме виновни внатре и во нашето соседство. Решавањето на спорот со Грција ни отвара други перспективи на стабилност и економски развој“, кажа во пролетното интервју за ДВ Али Ахмети.

На обединување повика премиерот Груевски на прославата на независноста, без опозицијата и првиот претседател Киро Глигоров.

Скопје годинава беше домаќин на европски државници, емисари од САД и Унијата, но земјата не доби датум за преговори и сеуште е во чекалницта за Брисел. Следниот самит на НАТО во Чикаго се очекува со задоволена правда – Грција применила блокади кон Македонија, таа пак не ги прекршила одредбите од Времената спогодба. Но и по оваа пресуда на Меѓународниот суд за правда странците со едногласна порака - решение за спорот околу името, па ЕУ и НАТО.

Извештајот на ЕУ без именување на македонскиот јазик предизвика лавина од петиции, реакции.

Nikola Gruevski und Stefan Füle in Brüssel
Никола Груевски и Штефан ФилеФотографија: MIA

„За постоењето на македонскиот јазик како апсолутно потврден факт, политичарите треба да учат од научниците, а не обратно“, рече, за ДВ, академик Сузана Тополинска, еден од светските слависти и член на повеќе академии во светот.

Македонија 2011 со надеж дека следната, со предизвиците на економската рецесија нема да се претвори во нов испит за демократската и политичка зрелост на државата.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Борис Георгиевски