Биланс на форумот во Давос
28 јануари 2008Реклама
Форумот во целост беше под знакот на кризата на пазарите на акции и на финансиските пазари. Мотото на овој специфичен самит - „Силата на заедничката иновација“ - никогаш не одговарало повеќе, отколку годинава, оти речиси сите учесници беа согласни во едно - само заеднички може да се чекори по патиштата за излез од светските кризи.
Заедно кон решение за проблемите
На пример, кај економијата: Предизвикува ли дебаклот со кредитите за недвижнини во САД рецесија на светското стопанство? Во однос на ова во Давос владееше рамнотежа меѓу песисмистите и оптимистите. Американците и натаму веруваат во сопстените заздравувачки сили на нивната економија. Европејците не се сигурни дали нема и тие да бидат вовлечени во кризата. Азиските стопански шефови се единствени во оцената дека Кина и Индија придобиваат се’ посилно значење и одговорност за подршка на светското стопанство и за порамнување на економската слабост во САД и Европа. Навистина, и натаму важи дека кога Америка ќе настине, остатокот од светот кива, но барем стана поголем бројот на лекови. Ризиците и товарите на светската економија се расподелуват врз повеќе раменици отколку порано, односот на силите во светот се помести.
Потребна е поголема транспарентност
Финансиските пазари како нареден пример дека само заеднички може да се бара излез од кризите: Никогаш досега не дојдоа толку до израз влијанијата на свтетската трговија, на светски поврзаните парични текови. Врвните банкари и претставниците на меѓународните институции заеднички се согласија за јакнење на превентивни мерки во банкарските зделки и за подобрување на транспарентноста. Официјални договори не се потпишани, но тоа и не е задача на Светскиот економски форум.
Трговијата како нареден пример: ресорните министри од САД, Европа и другите земји на неформалната средба во саботата се договорија повторно да ги иницираат во моментов замрзнатите разговори за либерализација на светската трговија. И овде важи принципот: само заеднички сме силни, и покрај различните интереси.
Резиме на годинашниот форум е дека тоа беше добра средба, оти беа зафатени конкретни проблеми. Поретки беа празните повторувања. На 2500-ните учесници не може да им се негира сериозната волја да се промени нешто. Основачот на Форумот Клаус Шваб и годинава успеа да донесе високи по ранг гости и да иницира теми што го засегнуваат светот. Гламур-факторот беше помалку присутен - само Ема Томпсон и Наоми Кемпбел внесоа малку гланц. Но, со оглед на кризните состојби, тоа и не беше вистински умесно.
Реклама