1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изградба на црква ги крена тензиите во Сребреница

Штефан Ошват/Б. Георгиевски8 мај 2013

Во Поточари, на неколку стоици метри од меморијалниот центар за жртвите од геноцидот во Сребреница се гради православна црква. И покрај негодувањата и повиците од меѓународната заедница, Србите не се откажуваат од планот

https://p.dw.com/p/18U72
Фотографија: Marinko Sekulic

Муслиманскиот свештеник повикува на молитва во Сребреница. Српските војници и паравоени формации тука во 1995. година убија околу 8 илјади луѓе, воглавно муслимански мажи и деца. Масовните гробници беа израмнети со булдожери за да се отежне идентификацијата на мртвите. Во меѓувреме, околу 6 илјади идентификувани се закопани на гробиштата во рамките на Меморијалниот центар Поточари. Но од непосредното соседство наскоро би можело да одекнува црковно ѕвоно.

Пред две години тука започна изградба на црква. Фадила Ефендиќ е згрозена. „Таа црква нема врска со верата, туку е провокација. Црква во близина на масовната гробница, па тоа е страшно! Кој сака црква нека ја гради онаму каде што живеат православни верници. Во ова село живеат муслимани“.

Фадила Ефендиќ се вратила во Сребреница пред 11 години. Работи во цвеќарницата во рамките на Меморијалниот центар. Во масакрот ги загубила сопругот и синот. Посмртните останки на својот 19-годишен син се уште ги бара.

И Мунира Субашиќ од Здружение на мајките на Сребреница е ужасната од изградбата на црквата. „Не сакаме луѓето да мислат дека имаме нешто против црква. Но тука се работи за црква од пркос, која се гради на масовна гробница, во која се пронајдени коските на мојот најмлад син“.

Фудбал на масовната гробница

Тоа не е прва провокација. Минатата година, локалната православна заедница заедно со воените ветерани покрај Меморијалниот центар организираше скара со фудбалски турнир и концерт, и тоа само еден ден по закопот на 500 новоидентификувани жртви. Градоначалникот на Сребреница Ќамил Дураковиќ стравува како ќе мине следната комеморација за жртвите на 11 август.

Völkermord in Srebrenica
Меморијалниот центар во ПоточариФотографија: picture-alliance/dpa

„Изградбата на црквата драматично ја поремети безбедноста. Се работи за голем број луѓе кои ќе дојдат тука на 11 август, веројатно повеќе од 50 илјади. А сето тоа го предизвика ароганцијата на неколку луѓе во тој одбор за изградба и еден локален свештеник, кои очигледно не се свесни за последиците до кои може да дојде доколку се продолжи со изградбата на црквата и на 11 август“.

Општината Сребреница ја повлече дозволата за изградба на црква точно пред Меморијалниот центар и на Црквата и понуди земјиште на друго место. И американската амбасада и Високиот претставник на ЕУ ја критикуваа изградбата, но залудно. Владата на Република Српска, под чија ингеренција е Сребреница, ја одобри изградбата. Па така, градежните работи продолжија.