1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изгласани новите министри во македонската влада

ЖА/макфакс/миа18 февруари 2013

Собранието на Македонија денеска ги избра Фатмир Бесими за министер без ресор задолжен за евроинтеграциите, a Талат Џафери и Тахир Хани за нови министри за одбрана односно за локална самоуправа.

https://p.dw.com/p/17gXe
Фотографија: AP

За Џафери гласаа 65, а за Бесими и за Хани 64 пратеници. Досегашниот вицепремиер за евроинтеграции Теута Арифи и министерот за локална самоуправа Невзат Бејта, поднесоа оставки на нивнита функции по нивната кандидатура за градоначалници на претстојните локални избори.

Со изборот за министер на Талат Џафери му завршува мандатот како пратеник во Собранието. На негово место треба да дојде следниот кандидат од листата на ДУИ од последните парламентрани избори.

Македонскиот премиер Никола Груевски на денешната седница врз основа на неговите ингеренции, како што рече, ги предложи тројцата нови министри и очекува тие успешно да ја спроведуваат владината програма.

„Сметам дека врз основа на нивното образование и досегашно работно и професионално искуство овие предлози за нови министри ќе можат успешно да ја спроведат програмата на Владата 2011-2015 година, а со тоа и успешно да ја извршуваат функцијата министри во Владата“, рече Груевски.

Пратениците од опозициските партии на Албанците во Македонија - ДПА, на Мендух Тачи и НДП чиј лидер е Руфи Османи, не гласаа за предложените министри и ја искритикуваа досегашната работа на предложените министри, ги нарекоа антиалбански и рекоа дека работат по наредба на премиерот Никола Груевски.

Претходно, Стојанче Ангелов, претседател на „Достоинство“ побара Талат Џафери да не биде изгласан за министер за одбрана и потсети дека Џафери за време на конфликтот во Македонија во 2001. година бил дел од ОНА и дезертирал од АРМ за да и’ се приклучи на оваа формација.

Пратениците ги изгласаа и замениците министри за внатрешни работи, за транспорт и врски и за финансии.