Изгласани мерките за штедење во Грција
21 октомври 2011Грчкиот парламент се согласи со натамошни драстични мерки за штедење. Пакетот мерки е предуслов за исплата на наредната транша финансиска помош, без која Грција би банкротирала за неколку недели. Пред гласањето во парламентот, поранешната министерка за труд Лука Кацели најави дека ќе гласа против одредени членови во законот за новите мерки. Таа во глобала се согласи со предлог-законот, но премиерот Јоргос Папандреу, сепак, ја исклучи од парламентарната група на неговата партија. Со тоа се намали и мнозинството во парламентот, од 154 на 153 места. До пред две години, ПАСОК имаше мнозинство од десет места, а сега се само три.
Нови штрајкови
Додека парламентарците гласаа за законот, пред законодавниот дом имаше жестоки протести и судири, во кои едно лице починало од срцев удар, а повредени се 74-ца. Околу 500 маскирани екстремисти пред парламентот ги нападнале луѓето кои демонстрирале со камења и молотови коктели. За да ги раздели судрените страни, полицијата употреби солзавец.
Вработените во пристаништата за денеска најавија нов 48-часовен штрајк, што значи дека до недела бродовите ќе останата во пристаништата, каде инаку веќе владее хаос. Според податоци на синдикатите, на вчерашниот втор ден од генералниотштрајк во Грција, учествувале околу 150 илјади демонстранти во целата држава.
Автор: ЕМФ/дв/дпа/дапд/макфакс
Редактор: Ж. Ацеска