1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извештај на Светската банка за корупцијата во Источна Европа и Централна Азија

14 мај 2004
https://p.dw.com/p/AeRF

Светската банка денеска го објави извештајот за состојбата со корупцијата во 24-те земји од Источна Европа и Централна Азија. Прв пат ваков извештај Светската банка поднесе во 1999-та, кога овие земји се наоѓаа на најдлабоката точка од стопанската криза. Од тогаш состојбата со корупцијата е во постојано подобрување – се вели во извештајот на Светската банка за 2002-та.

Испитаните фирми се чувствувале помалку загрозени од појавите на корупција во Азербејџан, Хрватска, Казахстан, Киргизија, Литванија и Русија. Состојбата како неизменета ја процениле во БиХ, Бугарија, Македонија, Грузија, Романија, Словачка и Украина. А дури влошување е регистрирано во Белорусија и Полска.:

“Подобрувањето е непредвидливо во деловите на поранешниот Советски сојуз, но и во земјите кои штотуку и пристапија на ЕУ. Особено за Полска овој извештај е еден вид црвен картон. Но, Полска презеде многу мерки против корупцијата и се надевам дека тоа ќе биде забележливо во нашиот нареден извештај. Во периодот меѓу 1999-та и 2002-та во секој случај беше забележливо влошување!“ - посочува Шерил Греј и додава дека останува општата оценка оти корупцијата во сите овие земји и понатаму претставува сериозен проблем.

Во вкупно 8 од 24-те земји во 2202-та многу поретко доаѓало да појави на корупција. На врвот на негативната скала се наоѓале Киргизија и Албанија, каде 3 до 4 проценти од заработувачката на фирмата одат на подмитување на бирократијата. А во најголемиот дел од новите земји членки на подмитување одат помалку од 1 процент.

Во ваквиот општ тренд, меѓутоа, мора да се прави разлика меѓу разните видови и подрачја на корупција. Така се намалува подмитувањето во правосудството и во обичните административни постапки, но затоа “поскапи“ станаа услугите кога се во прашање "местење" на даночните обврски или пак добивањето зделка на некој јавен конкурс. При тоа дури и малите домашни фирми често мораат да платат мито, што му доликува на некој меѓународен концерн.

Добрата порака од извештајот на Светската банка за 2002-та година гласи: корупцијата не е природна непогода и против неа може многу што да се преземе.

“Не станува збор за тоа да се затворат неколку лица. Тоа може да биде од помош, но уште поважно е да се спроведат неопходните реформи за вршењето на власта да стане транспарентно. Неопходно е добро развиено граѓанско општество!“ - заклучува Шерил Греј.