1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извештајот е позитивен, на потег е македонската влада?!

Костадин Делимитов 11 октомври 2012

Позитивна е атмосферата во Македонија по извештајот за напредокот од Брисел. Препораката за преговори е добра, но притисокот е сега врз Владата, да одговори со контра предлог до Атина, велат експертите.

https://p.dw.com/p/16Neg
Фотографија: AP

Позитивниот извештај и препораката за отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ со паралелно решавање на спорот со името во нивна рана фаза, според експертите е признание за реформите, но повеќе поттик за сериозни преговори со јужниот сосед. Драматично подобрената реторика на Филе во прилог на Македонија во услови кога земјата нема постигнато којзнае каков напредок за разлика од лани, според универзитетскиот професор Стево Пендаровски е токму во функција на засилување на активностите во преговарачкиот процес:

„Филе вели дека Македонија не смее да го одбие меморандумот за името, кој пред некој ден дојде од грчката Влада, дека треба да понуди свој контра предлог и претпоставувам дека потоа ќе се состанат преговарачите и процесот ќе биде практично вратен во колосек. Филе децидно вели дека македонската страна треба децидно да ја следи волјата, на почетокот формално искажана се разбира од грчка страна, и да одговори а не да го одбие меморандумот за разбирање кој Грците го продуцираа пред некој ден“, смета Пендаровски.

Stefan Füle EU Erweiterungskommissar
Штефан ФилеФотографија: dapd

Инсистирањето за решавање на спорот во рана фаза од преговорите за членство создава притисок врз двете држави, но поголем врз Македонија смета Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика. Владата во Скопје според нејзе треба да се подготви добро за преговори, бидејќи одговорноста се префрла на нејзин терен:

„Значи ние сепак очигледно е дека во преговорите треба веќе да излеземе со конкретни предлози. Тоа беше јасно и од она што го изјави Филе. Се очекува одговор на меморандумот и од македонска страна со конкретни предлози. Многу јасна порака во изјавата на еврокомесарот“, смета Јорданова.

Позитивниот извештај и препораката за паралелни преговори со разговорите околу името според професорот Димитар Мирчев дава добри сигнали и ќе влијае позитивно не само во Македонија туку и во регионот: „Јас многу се надевам дека после сите овие консултации, после пресудата на Хашкиот трибунал, после позитивните сигнали од самитот на НАТО во Чикаго, дека нашиот јужен сосед ќе прифати некој позитивен пристап. Меморандумот на министерот Авромопулос ми се чини дека е нивен позитивен чекор во таа насока“, смета Мирчев.

Премиерот Никола Груевски изјави дека со доделувањето на датум за пристапните преговори Советот на ЕУ ќе отвори ново поглавје во односите со Македонија што земјата ќе знае да го оцени и вреднува. Тој најави дека за три недели ќе биде готов акцискиот план со кој ќе бидат адресирани забелешките.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема