1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избор според полот

Клаудија Хенен / Елизабета Милошевска Фиданоска7 јануари 2013

Стапката на новородени машки деца е многу повисока од женските не само во Кина и Индија, туку и во други региони во светот, како Балканот. ОН претпоставуваат дека зад тоа се кријат целни абортуси на женски фетуси.

https://p.dw.com/p/17FI1
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Албанија на 100 новородени девојчиња доаѓаат 112 машки новороденчиња, а потоа следат Косово и Црна Гора со 110, односно 109 момчиња на 100 девојчиња. Тоа произлегува од актуелната студија на Фондот за население на ОН. Според експертите, тоа се должи на архаичната претстава за семејството: момчињата важат како столбови на семејните лози, тие ги чуваат името и традицијата, додека жените по мажењето го напуштаат семејството. Франциска Брантнер, член на пратеничката група на Зелените во Европскиот парламент и на Комисијата за права на жените на ЕП, причината ја гледа во повеќе различни фактори: „Сиромаштија и со тоа недоволна заштита од несакана бременост, како и голема дискриминација на жените“, се дел од факторите. Во Албанија, на пример, заштитата од несакана бременост е на ниво на земја во развој.

Фатални последици од недоволниот број жени

Преголемиот број машки деца има разурнувачки последици за општеството. „Може да се мисли дека жените во општества каде доминираат мажи се третирани како принцези, но реалноста покажува дека за нив животот е пополн со насилство и понепријатен“, нагласува Франциска Брантнер.

Franziska Brantner Europaabgeordnete
Франциска БрантнерФотографија: picture-alliance/dpa

За Дорис Штумп, швајцарска пратеничка во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, недостигот на жени е поврзан со проституцијата: „Жени на располагање се обезбедуваат на друг начин, со тоа што се увезуваат жени од други земји, така да се каже како стока.“ Студијата на ОН, освен тоа, докажува дека бројот на принудни бракови на малолетници, како и стапката на самоубиства меѓу жените, се зголемува.

Биолошки е нормален сооднос од 105 машки деца на 100 девојчиња. Оваа природна нерамнотежа потоа се изедначува со повисоката смртност на машките бебиња и деца. Во некои региони на Индија или на Кина на 100 девојчиња, меѓутоа, има по 120 до 130 машки деца. Во цела Азија недостигаат околу 117 милиони жени, проценува експертот за население Кристоф Гиљмото од Институтот за развој на Универзитетот Париз-Декарт. Тој со години го истражува соодносот на половите и е автор на студијата на ОН. Поради ваквиот меѓународен развој, демографите, алудирајќи на значењето на геноцид, зборуваат за гендерцид, односно убиство на пол.

Последици од пренаталната дијагностика

Тажно, но вистинито - медицинскиот развој и напредок му дава поддршка на целното абортирање. Со ултразвук лекарите се во состојба да го препознаат полот на фетусот од 14-тата недела на бременоста. Сепак, во многу европски земји, абортус во втората третина од бременоста е забранет, како што е забрането и абортирање врз основа на полот на фетусот (тоа во САД не важи). Статистиката во земји како Албанија или Македонија, меѓутоа, отвора други претпоставки - дека законите во многу места се заобиколуваат, преку илегални абортуси или со тоа што за абортус се наведуваат други причини, а не полот на фетусот.

Symbolbild Geschlechterselektion in der EU
Фотографија: Gent Shkullaku/AFP/Getty Images

Борците за права на жената сметаат дека тренд на селекција на половите има и во земјите членки на ЕУ. Данските медиуми известуваат дека постои абортус-туризам во Шведска, каде абортусот е можен до 18-тата недела од бременоста. Студии направени во Норвешка и Велика Британија покажуваат дека кај доселениците од азиските земји има поголем број момчиња отколку девојчиња. Тоа особено е случај кај второто или третото дете од семејството. Целните абортуси кои, како што се претпоставува, би можеле да бидат причина за тоа, не може да се докажат преку националните стапки на новородени.

Селекција преку вештачко оплодување

Селекција на полот се прави и преку преимплантациона дијагностика (ПИД), нагласува Кристијане Вупен, експерт за етика во медицината од Келн. „Во европската статистика има парови, кај кои по три деца од ист пол, се прави ПИД и во матката се става само ембрион од другиот пол“. Вупен бара „ПИД да остане само исклучок во Германија“. Проблемот е што ПИД во странство се третира делумно полабаво отколку во Германија, каде за секој од случаите се расправа во Етички совет.

Правниот третман е тежок

Советот на Европа во резолуција од ноември 2011 година констатираше дека „пренаталната селекција на половите добила загрижувачки димензии“. Но ЕУ нема надлежност, зашто законите за абортус и кривичното гонење во случај на орекршок се дел од здравствените политики на секоја земја одделно. Франциска Брантнер жали што со оваа тема Европскиот парламент не се занимавал досега, зашто тоа е „не само здравствено прашање, туку и прашање од сферата на човековите права“. Таа нагласува дека построги закони за абортус тука не би помогнале. Брантнер е на мислење дека покрај подобрувањето во сферата на социјалата и борбата против сиромаштијата, е неопходна и промена на општествените сфаќања. „Потребна е свест за рамноправноста на жените и мажите.“ Надеж дава развојот на ситуацијата во Јужна Кореја. Тами медиумските кампањи и законите придонесоа соодносот од 115 машки на 100 женски деца, да се намали на 107 момчиња на сто девојчиња.

Symbolbild Geschlechterselektion in der EU
Машките деца важат како носители на семејните лозиФотографија: Armend Nimani/AFP/Getty Images