Избор на претседател во Јемен
21 февруари 2012Али Абдала Салех, кој од јануари минатата година правеше обиди за смирување на протестите на кои се бараше негово заминување, во ноември потпиша договор за постепено отстапување од своите овластувања што беше и резултат на меѓународниот притисок да се повлече. Кандидатот на владејачките и опозиционите сили за наследник на Салех, 66-годишниот Абд Рабо Мансур Хади, би требало да ја води земјата во преоден период од две години. Потоа би требало да се одржат нови избори. Салех, по повеќемесечни протести на населението и немири во земјата, отпатува во САД на, како што беше соопштено, медицински третман. Врз јеменскиот претседател во јуни минатата година беше извршен обид за атентат во кој Салех доби тешки изгореници, поради кои минатата година замина на лекување во САД. При заминувањето во САД тој се извини на својот народ за „сите недостатоци“ за време на неговото долгогодишно владеење и порача дека ќе се врати во земјата. Јеменскиот претседател официјално ќе се повлече од власт во текот на оваа недела, но не се очекува никаква церемонија за време на настанот.
Се очекува и новиот јеменски претседател, како и Салех, кој важи за сојузник на САД во борбата против Ал Каеда во Јемен, да продолжи со уништувањето на екстремистите кои веќе долго време извршуваат напади во земјата и се закануваат да ја вовлечат во граѓанска војна.
Автор: ЕМФ/миа/дв
Редактор: А. Трајковска