Изборот на пратениците од дијаспората ќе оди на Уставен суд?
8 јуни 2011Се' поизвесно е дека трите освоени мандати на иселениците ќе бидат оспорени пред Уставниот суд во Македонија. Аргументите се дека изборите кај дијаспората биле лошо организирани и не успеале на вистински начин да го пресликаат расположението на иселениците, кои во многу мал број го дадоа својот глас. Потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев, за Дојче Веле објаснува дека во партијата се‘ уште не е донесена дефинитивна одлука за оспорување на изборот, но се‘ едно, истиот го сметаат за нелегитимен.
„Дали ќе го оспориме на Уставен суд ќе одлучат партиските органи, но ви велам, тој избор е нелегитимен и општо е мислењето во дијаспората, не мора во Македонија, затоа што тие луѓе се таму, дека нивните претставници се нелегитимни.“
Георгиев вели дека изборот може да се оспори по две основи - дека подготовките за изборите биле нетранспарентни и дека не им било овозможено на сите иселеници да гласаат.
Сите три пратенички места во дијаспората ги освоија кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, а партискиот лидер Никола Груевски го поздрави нивниот избор уште во победничкиот постизборен говор:
„Посебна благодарност за Македонците кои живеат надвор од границите на Република Македонија, за дијаспората со која 20 години имаме контакти и размена на мислења, со почит кон тие луѓе кои маката ги натерала да се иселат од Македонија. Сакам да им се заблагодарам за огромната поддршка што ни‘ ја дадоа на овие избори“, рече Груевски.
Поразените тврдат дека изборите биле наместени
Изборите предизвикаа револт и поделби и во самата дијаспора, која за првпат годинава доби можност да гласа. Речиси сите поразени кандидати во Австралија и САД тврдат дека изборите биле наместени.
„Јас сметам дека изборите се наместени и затоа не ги потпишав како регуларни. Уставниот суд на Македонија мора да ги поништи овие избори и да закаже нови или ќе почекаме до следните редовни избори“, вели кандидатот за пратеник од Австралија, Ицо Најдовски за Дојче Веле. Со слична реакција во македонските медиуми се јави и кандидатот Стојадин Наумовски од САД.
За разлика од нив, изборите ги поздрави организацијата на македонските иселеници во САД, Обединета Македонска Дијаспора. „ОМД е сигурна дека присуството на Додевски, Манчев и Саздов во Собранието на Македонија, ќе служи како посилен мост меѓу Македонија и нејзината дијаспора“, соопшти оваа иселеничка организација.
Што ќе содржи конечниот извештај на набљудувачите?
Меѓународните набљудувачи од мисијата на ОДИХР кои ги следеа изборите во Македонија најавија дека гласањето на дијаспората ќе го анализираат во конечниот извештај кој се очекува за околу два месеци. Но и тие имаат резерви во однос на бројот на освоените гласови, особено поради скромниот одзив на гласачи.
„Еднаквоста е многу важен меѓународен стандард и ова гласање имаше големо влијание во тој поглед“, рече шефот на мисијата на ОДИХР, Џулијан Пил Јејтс .
Со забелешки излегоа и од невладината организација МОСТ, кои го следеа гласањето во Македонија:
„Решението за гласање во Дипломатско-конзуларните претставништва се покажа несоодветно поради тоа што го доведе во прашање правото на еднаков пристап до гласачкото место, како и поради нееднаквата вредност на гласот во Македонија и во странство“, изјави Дарко Алексов од невладината МОСТ.
На секој од 120-те пратеници кои ќе седнат во новиот македонски парламент му беа потребни меѓу 8 и 9 илјади гласови за четиригодишен мандат, за разлика од тројцата пратеници од дијаспората кои тоа право го добија со освоени, вкупно 2.500 гласови. Поединечно, пратеникот од Европа, Ристо Манчев освоил нешто повеќе од 1.500 гласови, Милорад Додовски во Австралија на своето конто запишал околу 650, а Павле Саздов во Северна Америка ќе стане пратеник со освоени 560 гласови.
Автор: Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска