1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборната трка во САД се‘ пожестока

ЖА/миа/дв12 август 2012

Со номинацијата на „челичниот штедач“ Пол Рајан како заменик на републиканскиот претседателски кандидат, изборната борба во САД се разгорува. Во фокусот - гигантското задолжување на земјата.

https://p.dw.com/p/15oHo
Фотографија: Reuters

Републиканските кандидати за американските претседателски избори во ноември, Мит Ромни и Пол Рајан, својата заедничка турнеја ја почнаа вчера во сојузната држава Вирџинија, под мотото „Враќање на Америка“. Ромни за првпат го промовираше својот потпретседателски кандидат, популарниот и контроверзен конгресмен од сојузната држава Висконсин Пол Рајан, со кого велат дека сакаат „да ја вратат Америка во игра” по, како што велат, неуспешниот прв мандат на Барак Обама.

Илјадниците поддржувачи на Републиканската партија кои дојдоа во градот Манасас, со северна Вирџинија, велеа дека се дојдени да го видат конгресменот Рајан, кој само десетина часа претходно беше официјално најавен како потпретседателски кандидат.

„Во изминатите години нашата партија некогаш го напушташе својот пат. Пол Рајан е водач, кој велеше дека мораме да се вратиме на нашите вистински вредности, да се грижиме за постарите, за нашите деца и да престанеме да ги трошиме парите кои ги немаме. Вашингтон е град каде многу луѓе фрлаат камења едни кон други, но Рајан е поинаков водач“, изјави претседателскиот кандидат Мит Ромни на собирот во Манасас.

Mitt Romney Paul Ryan NEUES BILD
Мит Ромни и Пол Рајан се претставуваат за „спасители на САД“Фотографија: Reuters

Контроверзни предлози

Пол Рајан стана познат во американската политика како претседател на комисијата за буџет на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, каде даде неколку контроверзни предлог-буџети, со кои најави дека сака темелно да ја реформира американската економија и да го намали долгот од над 15 трилиони долари. Предлог-буџетите, кои предвидуваат намалување на даноците за компаниите и приватизирање на пензискиот и здравствениот систем на САД, не беа усвоени, но го поделија Конгресот, а во исто време служат како основа на економската програма на републиканците.

Рајан својата економска понуда ја претставува како избор меѓу тешки реформи и целосен банкрот на Америка, предупредувајќи дека пензискиот и здравствениот систем се неодржливи и ќе ја повлечат целата економија надолу.

„Една работа која што ја научив од мојот татко е дека секоја генерација Американци треба да овозможи нивните деца да живеат подобро од нив. Тоа е американскиот завет. За жал, за првпат во историјата, ние сме на пат да го прекршиме овој завет. Затоа ни е потребно ново раководство, кое ќе не‘ врати на патот на просперитетот, економскиот развој и отворањето работни места. Наша должност е да го спасиме американскиот сон за нашите деца и за нивните деца“, порача конгресменот Рајан.

Најхрабриот потег на Ромни

Ромни заостанува во анкетите зад претседателот Барак Обама. Со нетрпение се очекуваат новите анкети кои ќе покажат дали изборот на Рајан, кој длабоко го поларизира американското општество, ќе му помогне на Ромни.

Кампањата на Ромни, досега обвинувана за дефанзивност, со номинацијата на Рајан во услови кога имаше неколку побезбедни кандидати, го повлече досега најхрабриот потег. Ова го признаа и неколкуте говорници кои го отворија митингот во Манасас, велејќи дека со изборот на Рајан, републиканците решија да ја отворат дебатата за реформите во најголемите социјални системи, Медикер и Медикејд, кои им помагаат на постарите и сиромашните Американци да добијат здравствена и социјалната заштита – федералниот пензиски систем.

Mitt Romney Paul Ryan NEU
Фотографија: AP

Од кампањата на Обама возвратија со обвинувања дека Ромни и Рајан промовираат економски политики кои се добри за богатите Американци, но не се поволни за средната класа и сиромашните. Но, од таборот на Обама, изборот на Рајан го опишуваат и како очајнички потег на Ромни, кој ги губи изборите и мора да избере контроверзен политичар да го поддржи.

Претседателскиот кандидат Ромни на собирот во центарот на Манасас го претстави својот економски план во пет точки – енергетска независност на Северна Америка од остатокот на светот преку развој на домашните извори на нафта, јаглен и другите енергенси; образовни реформи и поврзување на образованието со потребите на работните места; промоција на слободната трговија со светот, особено со Јужна Америка, но и спречување на трговските злоупотреби на Кина; намалување на буџетскиот дефицит и ограничување на државните расходи на најмногу една петтина од вкупната економија и намалување и зајакнување на малиот бизнис преку намалување на државните регулативи и укинување на здравствената реформа на претседателот Обама.

Ромни упати закана и до синдикатите во јавните служби, особено до синдикатот во јавното образование, кој се афирмира како водечки противник на Републиканската партија на изборите. Ромни изјави дека неговите образовни реформи ќе ја намалат политичката моќ на овој синдикат, кој го обвинува за спротиставување на измените во образованието.