Избори во Бугарија со обвинувања за фалсификување
12 мај 2013Бугарската полиција вчеравечер заплени 350.000 фалсификувани гласачки ливчиња. Според обвинителството, тие се најдени во печатница во Костинброд, која е во сосптвеност на Јордан Бончев од партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов. Бончев отфрла секакви обвинувања и нагласи дека има лиценца за печатење на гласачки ливчиња. Преодната влада пак, соопшти дека веќе ги добила сите 8,34 милиони избирачки ливчиња што ги нарачала и дека тие се веќе доставени до изборните места.
Се проценува дека исходот од изборите ќе биде тесен и дека тоа на најсиромашната земја на ЕУ би и‘ донесло вакуум во власта кој ќе трае со месеци. Според истражувањата на јавното мислење, централно-десната партија ГЕРБ ќе води борба рамо до рамо со социјалистите.
Шест години по приклучувањето кон ЕУ, во Бугарија има големо незадоволство од политичката елита. Партијата ГЕРБ на премиерот Борисов во февруари годинава, по насилните демонстрации против корупцијата во земјата, растечката невработеност и восоките цени на струјата, гасот и водата, даде оставка. Во моментов земјата ја води преодна влада. ГЕРБ се залага за стриктна буџетска политика, додека социјалистите ветија намалување на невработеноста, намалување на даноците на граѓаните со ниски плати и државно задолжување кое ќе се одржува на ниско ниво.