1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите мирни, неправилностите исти како во првиот круг

Костадин Делимитов8 април 2013

Меѓународните набљудувачи кои ги следеа локалните избори во Македонија сметаат дека и во вториот круг се повториле неправилностите кои го одбележаа првиот. Атмосферата била мирна, а ДИК партиски настроена

https://p.dw.com/p/18Bqo
Фотографија: DW

Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР генерално ја повтори оценката за вториот круг локални избори во Македонија, со онаа од пред две недели. Шефот на набљудувачката мисија, амбасадорот Герт Хинрих Аренс соопшти дека гласањето било мирно и регуларно, но повторно изнесе серија забелешки за процедурата, делот на кампањата и пристрасноста на медиумите:

„Како и првиот круг од гласањето, во вториот круг локалните избори беа ефикасно спроведени и изразено конкурентни. Меѓутоа продолжувањето на пристрасното и партиско медиумско покривање и мешањето на владините и партиските активности го потврди недостатокот од рамноправен терен за натпревар меѓу кандидатите. Во текот на кампањата атмосферата остана мирна, но тонот стана понегативен во некои општини. Дел од кандидатите ги обвинија своите противници за наводни незаконитости во првиот круг. Продолжија и наводите за заплашување на гласачи, особено на вработените во јавниот сектор и злоупотреба на државни ресурси “, рече Аренс.

ДИК решавала партиски, наместо законски

ДИК во периодот помеѓу двата круга работела редовно и транспарентно и ги испочитувала изборните рокови. Сепак, како што нагласи Аренс, колегијалноста била нарушена за време на разгледувањето на приговорите, а одлуките што се носеле по нив биле засновани првенствено на партиска припадност наместо на законот.

Од ОБСЕ/ОДИХР предупредија дека во правната рамка недостигаат и детали за клучни прашања околу вториот круг, што остава простор за продолжување со реформите на изборниот законик.

Mazedonien Wahlen 1
Фотографија: DW

„Недостигаат детали околу запишувањето на гласачите во избирачкиот список, водење на изборната камапња и нејзино финансирање како и медиумското покривање. Иако властите презедоа некои чекори за да се исправат недостатоците во процедурите забележани во првиот круг, останува потребата од понатамошни изборни реформи“, рече Аренс.

Конечниот извештај за локалните избори во Македонија на ОБСЕ/ОДИХР ќе биде објавен најдоцна за два месеца. Целосната оценка на изборите делумно ќе зависи од постапувањето во останатите фази од изборниот процес, што опфаќа сумирање и објава на изборните резултати како и постапувањето по евентуалните пориговори и жалби по денот на изборите. Аренс потврди дека негов тим бил присутен на едно избирачко место во Центар, каде партиски претставници реагираа за наводно присуство на гласачи од Пустец, но нагласи дека за сите информации и евентуални неправилности е надлежна ДИК.