1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите во Македонија-според демократските правила

27 април 2009

Независноста и ефикасноста на Државната изборна комисија може да биде пример за другите земји-членки на Советот на Европа, се вели во извештајот, поднесен на пролетната сесија на Парламентарното собрание во Стразбур.

https://p.dw.com/p/HfF0
Советот на Европа во Стразбур

Во едно мултиетничко општество, како што е Република Македонија, демократските традиции сé уште не се вкоренети, стои во оценката на ад-хок комисијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, која го следеше изборниот процес во Македонија. Во извештајот, кој беше претставен на пролетната сесија, се смета дека од клучно значење за земјата е изборите да не придонесуваат за изолацијата во етничките граници. Слабото учество на албанското население при вториот круг на претседателските избори, ја подвлекува реалната опасност на линијата на поделби во земјата по етничка припадност. Охрабрувачка беше кампањата на Имер Селмани, кој се обиде да ги надмине поделбите меѓу етничките заедници.

Впечатоците од изборите

Известувачот, шведската парламентарка Мариет де Пурбекс-Лундин од Македонија се вратила со два впечатоци, првиот е негативен и се однесува на гласачките списоци.

„Иако секогаш поставуваме прашања, никогаш не добивме одговор и јасни и убедливи објаснувања од страна на надлежните власти околу малата разлика меѓу бројот на жителите на Република Македонија (2022 547) и бројот на запишаните гласачи (1 792 082). Поради тоа, се оценува дека ДИК ќе треба да вложи голем труд за листите да бидат проверени, посебно во период без избори.“

Wahlen Mazedonien
Има и забелешки, но и позитивни впечатоци од изборите во МакедонијаФотографија: AP

Вториот впечаток од изборниот мониторинг беше позитивен, претседателските избори беа според најголемиот број од нормите утврдени од Советот на Европа за организирање на демократски избори: „Сите беа опседнати, на позитивен начин, дека тие треба да поминат мирно“, вели Лундин.

Сите кандидати, исто како и невладините организации, нагласиле дека кампањата беше мирна и ситуацијата не била конфликтна.

Пофалби за домашните набљудувачи

ПС на СЕ ја пофали работата на домашните набљудувачи на изборите, посебно на тие од „МОСТ“ и жали за забележаните притисоци и заплашувања врз вработените од јавната администрација. Тука посебно е истакната „ независноста и ефикасноста“ на Државната изборна комисија, што може да послужи како пример за другите земји членки на СЕ, каде постојат проблеми во функционирањето на нивните изборни комисии.“

Од Стразбур до Македонија се испратени седум препораки, а најголемиот број е од законодавна природа. Имено, се советува законските промени, посебно во делот на изборните закони, да не се прават непосредно пред избори, со што политичкиот систем би се направил постабилен, и тоа да биде во тесна соработка со сите политички сили и граѓанското општество. Во овој дел Венецијанската комисија ќе даде свој придонес и наскоро ќе треба да објави мислење по ова прашање.

Меѓу другото, ПС на СЕ бара подобрување на правните одредби кои се однесуваат на финансирањето на изборните кампањи на политичките партии во медиумите, како и повеќе средства за ДИК, со што ќе се дозволи регрутирање и професионална обука на квалификуван персонал, посебно во руралните и албанските средини.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска