Избегнато најлошото сценарио
14 септември 2008Според првичните проценки најголема штета ураганот предизвика во реонот на туристичкото место Галвестон. Американскиот министер за внатрешна безбедност Мајкл Чертоф изјави дека „Ајк“ предизвикал и смртни случаи, но не прецизира колкав е точно бројот на жртвите. Засега е потврдена само смртта на една жена во Тексас, која загинала од дрво кое било искорнато од силниот ветер. Американскиот претседател Џорџ Буш објави вонредна состојба во 30 реони во Тексас. Властите потврдија дека сепак е избегнато најлошото сценарио. Гувернерот на Тексас Рик Пери изјави:
„Како што постојано велевме, се молевме се’ да мине најдобро, но се подготвувавме за најлошто. За среќа не се остварија најцрните прогнози.“
Штетата меѓу 8 и 18 милијарди долари
Па сепак според американски осигурителни компании штетите од Ајк ќе изнесуваат меѓу 8 и 18 милијарди долари. Уништен е голем дел од инфраструктурата. Но, позитивно е тоа што нема многу големи штети во милионската метропола Хјустон, иако таму во воздух летаа многу делови од семафори, делови од фасади и градилишта. Хаусмајстор на една висококатница сумира:
„Најпогодена е источната страна на зградата, а на 30-кат се уништени речиси 50% од сите прозорци. Се е излетано: ролетните, хартии, документи. На улиците е лом.“
Во налетот на ураганот најлошо помина градчето Галвестон
И покрај предупредувањата и апелите за евакуација, околу 20 000 луѓе од ова градче не ги напуштија куќите. Сега таму е во тек огромна акција за спасување, со оглед дека голем дел од тој регион е поплавен. Пери соопшти дека во акцијата во која се вклучени хеликоптери и бродови веќе се спасени околу 1000 лица.
Поради Ајк во Тексас беа евакуирани 2,2 милиони луѓе. Ураганот принуди 17 рафинерии во реонот на Мексиканскиот залив да прекинат со работа, со што обемот на производството на горива во САД драстично опадна за повеќе од една петина. Рафинериите ќе можат да проработат нормално најрано за една седмица. Во меѓувреме јачината на Ајк се намали на ниво на тропска бура, со ветрови со брзина од 95 километри на час.