1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иднината на турската правна држава под прашалник

Гунар Кене / Александар Методијев5 февруари 2014

Од пред осум години се одвиваат преговорите со Турција за членство во ЕУ. Во меѓувреме многумина во Брисел се прашуваат дали премиерот Ердоган воопшто сака својата земја да ја внесе во ЕУ?

https://p.dw.com/p/1AzOJ
Symbolbild Justitia Justizia
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во моментов Ердоган спроведува реформа во судството, која јасно им противречи на европските стандарди, оти владата сака да ја заостри контролата врз судството.

Фрустрација и збунетост се чита на лицата на идните адвокати, кои дискутира во истанбулската Адвокатска комора за намерите на премиерот Ердоган во однос на судството. Тие се огорчени, бидејќи владата сака во иднина дирекно да ги назначува јавните обвинители и судиите.

„Ние правниците веќе немаме доверба во правната држава и не гледаме излез. Сега мора народот да се крене против ова“, вели една од присутните.

„Немам зборови за оваа политика. Во земјава во моментов подмолно се убива правната држава“, додава друг правник.

Нарушениот имиџ се поправа со реклами

И на телевизија главна тема со денови е спорот околу судството, откако десетици јавни обвинители беа отпуштени. Во правната комисија на парламентот во Анкара владата и опозицијата се пресметуваа дури и со тупаници.

Плакати против нарушениот имиџ - премиерот Ердоган е присутен насекаде. Тој остро критикува странски сили кои, според него, ковале заговор и се инфилтрирале во турското судство. Државната криза предизвика не само политички, туку и економски штети.

Symbolbild Justiz Gericht Gesetz
Правниците се надеваат дека турскиот претседател Абдула Ѓул нема да ги потпише измените во законотФотографија: Fotolia/22 North Gallery

„Вредноста на турската лира во однос на доларот и еврото во моментов силно опаѓа. Се’ укажува на економска криза. Жртви на оваа внатрешнополитичка битка за превласт се демократијата, владеењето на правото и економијата“, вели колумнистот Ајдин Енгин.

И владата и ЕУ со разнишана поддршка

Владата на Ердоган ја губи поддршката кај народот, но и ЕУ веќе не е на добар глас. Одвај секој трет Турчин и натаму верува во членство на земјата во Европската унија.

„По инцидентите во минатите недели и месеци - зошто би требала ЕУ такви да не прими? Веќе не верувам во тоа“, вели еден млад Турчин.

„Премиерот треба да не’ претставува во Брисел на свој начин и да не прифаќа совети и наредби“, смета една постара госпоѓа.

Белгискиот генерален конзул Анри Фантигем ја посети истанбулската Адвокатска комора. Турските невладини организации се трудат да не се прекинат разговорите со ЕУ. Но, владата се оддалечува се’ повеќе од европските правни стандарди.

„Во иднина јавните обвинители и судиите веќе не ќе можат дури ни во странство да патуваат без одобрение од Министерството за правда. Наша последна надеж е претседателот на државата. Се сомневам дека тој би потпишал ваков закон“, вели Чем Мурат Софуоглу од Адвокатска комора на Истанбул.

Крај на спорот за иднината на турската правна држава не е на повидок.