1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Иднината на Балканот е во ЕУ“

Горан Петрески 28 ноември 2008

Мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и ЕУ на состанкот во Скопје го разгледуваше прашањето за визна либерализација за Македонија. На средбата стана збор и за тортурата во затворите, но и за проблемот со ОКТА.

https://p.dw.com/p/G3r5
Вицепремиерот на македонската влада Ивица БоцевскиФотографија: Dragan Todorovski

Македонија е заситена од фразите кои пристигаат од Брисел дека Европската унија е заморена од проширувањето. Вицепремиерот за евроинтеграции, Ивица Боцевски, во прилично остар настап пред членовите на мешовиот комитет на македонски и европски парламентарци рече дека таквите пораки се лицемерие или хипокризија.

Македонија бара визна либерализиција

На првиот состанок на комитетот во Скопје, Боцевски го промовираше и Акцискиот план на Владата во однос на годишниот извештај на Европската комисија за Македонија и се осврна на либерализацијата на визниот режим за Македонија. И покрај лидерскиот статус кога се во прашање визните реформи македонските граѓани се’уште немаат гаранции кога ќе можат слободно да патуваат низ Европа.

Време е да добиеме храбри политички елити во ЕУ кои ќе се соочат со фактот дека е невозможно во срцето на Европа да има регион кој се уште не е член на Унијата, оцени Боцевски.

Престојните избори клучни за оценките за Македонија

Mazedonien Ivica Bocevski mit EU Ervan Fuere
Евроамбасадорот Ерван Фуере на средба со министерот БоцевскиФотографија: MIA

Евроамбасадорор Ерван Фуере се обидуваше да ја разубави сликата. Во речникот на европскиот парламент нема простор за заморот од проширувањето: „Посветени сме на процесот на интеграција, која ќе ги опфати сите земји од балканскиот регион. Иднината на Балканот е во ЕУ. Извештајот на ЕК, се стреми да го долови напредокот врз основа на сите преземени и остварени активности, но ги идентификува и недостатоците“, рече Фуере.

Амбасадорот на земјата претседавач со Унијата, Франција, Бернар Валеро, потсети дека претстојните претседателски и локални избори ќе бидат клучни за идните оценки на ЕУ.

Со мешовитиот комитет претседава грчкиот европарламентарец Антониос Тракателис. Тој ниту еднаш не го спомена спорот за името, а наместо со целата референца ја нарекуваше Македонија со кратенакта ФИРОМ.

Меѓу темите за кои се зборуваше на првата сесија на мешовитиот комитет се тортурата во затворите, еколошките стандарди и проблемот со ОКТА, како и слабото искористување на ИПА фондовите од ЕУ.