1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Игрите за телефони - шанса за малите фирми

Мануел Ецкеркес / Зоран Јордановски15 септември 2012

Чинат многу малку или ништо, но од нивното производство се создаваат милионери. Игрите за смартфон или таблет компјутери преку ноќ прераснаа во цела бранша.

https://p.dw.com/p/15vL1
Фотографија: picture-alliance/dpa

Една замок, еден играч и две задачи: да се одбрани сопствената тврдина, да се нападнат другите. Креаторите на игрите од фирмата Ксајрелити токму смислија нешто ново.

Тестот покажува дека новото оружје сосем добро функционира - но не и предобро, за противникот да не ја загуби волјата да се бори. Кога нешто менува во играта, креаторот се обидува да го задржи тој баланс. Во повеќе страници долги табели се програмира текот на играта, прецизно се приспособува и дотерува.

„Важно е и да можете да комуницирате со други играчи. Тоа значи дека многумина започнуваат една игра и со пријателите планираат напади, а ние така постојано придобиваме играчи и тие постојано се вклучуваат во играта“, вели Торбен Ленарт-Беге, еден од креаторите на игрите.

Игрите за мобилен телефон чинат малку пари, што е погодно за мали претпријатија како Ксајрелити. Раководителот на фирмата започна сосем скромно со играта „Господари и рицари“, а денес спаѓа меѓу 10-те со најголем промет на интернет. Големите фирми го преспаа трендот за игри на мобилен и сега по малку завидливо гледаат на деловниот успех на малите.

Mobile World Congress 2012
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Има и игри кои се програмирани со многу мал трошок, а лудо се продаваа во милиони примероци за најкратко време. А тоа го овозможуваат мобилните платформи како Епстор или Гугл плеј-маркет“, објаснува раководителот на Ксајрелити, Свен Осенбриген.

Ширење на пазарот

Студената метропола Хамбург на северот на Германија во браншата за видео игри гледа голема шанса. Пред три години во овој пристанишен град две ипол илјади луѓе заработуваа пари со компјутерски игри, а денес, според Институцијата за стопанска поддршка, се повеќе од 4 илјади.

„Хамбург е седиште на најголем број фирми од областа на интернет-игри, а таа област претставува пазар со најсилен пораст. Хамбург, значи, има најдобри предуслови за да биде не само број еден во Германија, туку и во Европа“, вели Штефан Клајн од Институтот за стопанска подршка во Хамбург.

За да се оствари тоа придонесува и Ксајрелити, на пример со играта „Среден век“. За таа да биде продажен хит и во Индија, еден информатичар од Мумбаи токму подготвува индиска верзија. Претпријатието истовремено креира и сопствено издание за играчи во Кина.